Мицкоски ќе се откаже од парите за партијата ако Дескоска и министрите работат про боно
ДУИ порачува дека ситуацијата е пресериозна за партиите да се тркаат со предлози преку Фејсбук.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција рече дека ќе го поддржи предлогот на министерката за правда Рената Дескоска партиите да се откажат годинава од парите за финансирање на политичките партии, но за возврат побара таа и министрите, замениците и државните секретари до крајот на мандатот да работат про боно, односно без никаков надомест.
– Намерата на министерката Дескоска не е да заштеди пари во буџетот. ВМРО-ДПМНЕ и претходните и овие избори ќе ги дочека како единствена партија во Европа со незаконски замрзнат имот и без исплатени пари за функционирање. И се снаоѓаме на начин на кој се снаоѓаме. Намерата на Дескоска е поинаква. Јас ќе ја поддржам, но ја мотивирам нејзе и нејзиниот зет за сестра кои имаат енормно високи примања, како и останатите министри во владата, додека им трае мандатот да работат про боно. Да се окажат од привилегиите, високите плати, хонорари, од луксузот. Ајде да ја видиме Дескоска и останатите министри и функционери од СДСМ да се стават во интерес на државата. Ја повикувам да се охрабри. Министрите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржат. Сите министри заменици, државни секретари, именувани функционери да работат про боно – рече Мицкоски.
Министерката Дескоска, вчера преку Фејсбук информира дека ќе предложи до владата уредба со законска сила со која ќе се укине годишното финансирање на политичките партии.
„Како министер за правда во чија надлежност е Законот за финансирање политичките партии ќе предложам уредба со законска сила со која ќе се укине годишното финансирање на политичките партии кое треба да се исплати оваа година. Се надевам дека сите политички партии ќе ја поддржат предложената уредба“, напиша Дескоска на својот Фејсбук профил.
Од Министерството за правда за Плусинфо велат дека партиите за годинава сѐ уште не ги добиле парите и оттаму е предлогот парите воопшто да не се исплатат поради ситуацијата со коронавирусот.
Од ДУИ порачуваат дека ситуацијата со коронавирусот е пресериозна за партиите да се тркаат со предлози преку Фејсбук.
– Ова е несериозен пристап во многу сериозна ситуација да се најавуваат мерки на Фејсбук или од партиско седиште без консултации и без каква било анализа. Сепак, ситуацијата е пресериозна, нѐ засега сите и не сме во трка по партиски гласови – велат од ДУИ за Плусинфо.
Од партијата на министерката, СДСМ велат дека го поддржуваат предлогот на министерката за правда, Рената Дескоска.
– Сметаме дека е во духотна солидарноста и очекуваме сите политички партии да го поддржат и на дело да покажат солидарност. Овие средства наместо за партиите треба да се насочат во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните и последиците од кризата, односно зачувување на работните места, поддршка на фирмите и на граѓаните – велат од СДСМ.
Со измените на Законот за финансирање на политичките партии во 2018 година, наместо 1,8 милиони евра, политичките партии од буџетот треба да добиваат 4,5 милиони евра на годишно ниво. Досега партиите добиваа 0,06 отсто од буџетот, а со измените во Законот за финансирање на политичките партии овој процент се зголемува на 0,15 отсто. Триесет отсто од овие пари ќе бидат наменети за малите партии, додека 70 отсто за големите партии кои имаат свои советници и пратеници.
На сметка на зголемувањето на сумата на државното финансирање, се намалува сумата на донации што може да ја добиваат партиите – од 150 просечни плати што може да ги донира едно правно лице, со измените оваа бројка се намалува на 60 просечни плати.
Ако досега, пак, за физичките лица беше предвидено дека можат да донираат 75 просечни плати, сега бројката се намалува на 30.