МИЦКОСКИ ЌЕ ПОБАРА ДА СЕ УКИНЕ ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА ПРЕД ИЗБОРИ Премиерот ќе свика лидерска средба за да се постигне консензус за клучни теми
Премиерот очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата за лидерска средба. Дневниот ред, како што вели, може да биде проширен и дополнет од страна на другите.
Премиерот Христијан Мицкоски утре ќе ги покани политичките партии за лидерска средба, која би се одржала во наредните 7 до 10 дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос. Теми на средбата би биле консензус за реформските закони и за укинување на техничката влада.
Премиерот очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата за лидерска средба. Дневниот ред, како што вели, може да биде проширен и дополнет од страна на другите.
За клучните прашања за државата, Мицкоски очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции.
– За правобранителот да разговараме. Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава, можеме ете кога е предизвикот, посебно целта пред нас, а тоа е Европската Унија да разговараме отворено на сите тие теми, за кои немаме дијаметрално различни ставови. Нели велиме сите сме за таму, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија, имаат позитивно мислење од Канцеларијата на Европската комисија. Ајде да седнеме и да разговараме – рече Мицкоски во гостување на телевизија Алфа.
Во врска со техничката влада, премиерот Мицкоски вели дека пред минатите избори и СДСМ рече дека таа пред избори повеќе не е потребна. Вели, за разлика од претходно, оваа Влада покажува една широчина, која што е потребна особено во период кога се говори за суштински реформи, реформи на политичкиот систем, но и за оние закони коишто се дел од реформската агенда за пристапување кон ЕУ. Потенцира дека за дел од нив е потребен консензус.
– Пред овие избори раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема бадентер, но, не би сакал да влегувам во таков процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени – порача Мицкоски.