Мицкоски: Ќе биде интересна оваа македонска пролет

Масовноста на народот покажа дека се обединува околу идејата - оваа неспособна Влада да биде поразена на следните избори кои што ќе се случат, дали тоа ќе бидат локални или предвремени парламентарни збори.

659

Ќе биде интересна оваа македонска пролет, треба внимателно да се следи и ќе се увидат резултатите на тоа што ќе се случува во периодот кој следи, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во телефонско јавување на телевизија Сонце.

– Големо е незадоволството кај граѓаните, сето ова ескалира, за тоа вчера масовно луѓето излегоа за пред се да дадат поддршка на лицата кои што се неправедно осудени за дело коешто не го направиле, а тоа е тероризмот. Но истовремено гневот и револтот којшто во себе го чувствуваат кон сета онаа неправда која што во општеството е се присутна, кризата во здравството, образованието, еве гледаме како онаа фарса којашто ни се случува со учебниците односно министерката којашто се обидува да ни ја продаде, таа општествена неподдршка и револт предизвика со таа глупост која што сака да ја протне во јавноста. Десетици илјади наши сограѓани изгубија работа, компании се затворија, стотици компании го изгубија својот бизнис, практично сето она кое што денеска се случува на полето на здравство, луѓе губат живот на дневна основа, денес повторно имаме 30-тина починати, во просек изминативе неколку дена имаме од 30 до 50 починати секој ден, немањето на вакцини сме убедливо на дното на Балканот и во Европа, чекаме некој подарок да добиеме, последно што разбрав ќе позајмуваме од соседна Србија од плејадата кинески вакцини за да евентуално кога ќе стигнат да ги вратиме, се низа од ситуациите поради кои граѓаните излегоа на протест – истакна Мицкоски.






Мицкоски додаде дека лошата состојба во државата е исто така причина зошто граѓаните излегоа на протест.

– Масовноста на народот покажа дека се обединува околу идејата – оваа неспособна Влада да биде поразена на следните избори кои што ќе се случат, дали тоа ќе бидат локални или предвремени парламентарни збори – рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека луѓето од власта нема што да понудат, само рушат и државата ја враќаат назад.

– Тоа е практично причината што ВМРО-ДПМНЕ вчера заедно со би рекол Македонците од дијаспората, заедно со сите овие други политички партии коишто дадоа поддршка на овој протест се обединија вчера. Тоа беше огромно мнозинство, огромна маса на луѓе којашто излезе да протестира против сите овие погрешни политики на власта и истовремено да дадат поддршка на луѓето коишто се неправедно осудени и се наоѓаат во затворите – посочи Мицкоски.

Тој додаде дека се воведе нова судска пракса на повторени судења.

– Не гледам зошто да не се направи пак, и во случајот со обвинетите за 27 април –  рече Мицкоски.

Според него судијката која ги судеше случаите беше како на испит за промоција за уставен судија. Мицкоски укажа дека Кацарска што ги судеше по сто години уставобранителите, Зоран Заев ја унапредил во уставен судија, и оти очигледна е монтираноста на случајот.

– Стопанот Заев гледаше од страна и ако не беше задоволен таа немаше да стане уставен судија, ама тој беше задоволен – рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека има судска пракса која може да биде повторена.

– Тоа беше и едно од барањата на вчерашниот протест за уставобранителите. Ценам дека делото тероризам е пренагласено и политички монтирано – заклучи Мицкоски.

 

Поврзани содржини