Мицкоски: Доколку резултатите не се според методологијата на Евростат, нема да ги признаеме
Претстојните избори кои треба да се одржат кон крајот на месец октомври ќе се реализираат преку отпечаток од прст, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски појаснува дека таквите терминали би можеле да гарантираат поголема демократија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 истакна дека тие ќе го признаат само резидентното население во Македонија.
Тој вели дека она што го прави дијаспората сега е едноставно евидентирање.
– Таков тип на резултати ние нема да признаеме, се знае што значи според Евростат и според методологијата што е прифатена попис на население и домаќинства. Ова е евиденција на дијаспора и како евиденција ќе ја третираме. Точно се знае што значи евиденција на дијаспора, точно се знае што значи попис на резидентно население. Јас тоа не го измислувам, тоа е би рекол во првите три реченици во методологијата на Евростат – истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека Маричиќ не може да кажува тој што сака, се знае попис е операција која што се одвива според Евростат методологијата.
– Еве јавно и транспарентно кажувам во вашата емисија дека она што ВМРО-ДПМНЕ и јас ќе го признаеме тоа е населението кое што е резидентно. Односно кое што ќе се попише тука во септември месец помеѓу 5-ти и 30-ти септември. Останатото е дијаспора што се евидентира – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додава дека населението кое што е во Македонија е резидентно население и токму тоа е статистичка база, додека пак населението кое е пријавено во друга држава е попишано во тие држави.
– Не можеме тоа население да го попишуваме 13 пати, се знае кое население се попишува – порача Мицкоски.
Претстојните избори кои треба да се одржат кон крајот на месец октомври ќе се реализираат преку отпечаток од прст, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски појаснува дека таквите терминали би можеле да гарантираат поголема демократија.
– Тие терминали ќе функционираат офлајн, тоа значи дека ќе имаме еден сервер во определено гласачко место во кој што ќе се содржани отпечатоците од прст од гласачите на тоа место – додава Мицкоски.
Тој во своето гостување рече дека не го оправдува тоа што еден министер, наместо да бара вакцини, шетал низ светот и си играл со чувствата граѓаните.
– Го одбивам таквиот тип на однесување. Имаше таков министер кој се шеташе низ светот, наместо да бара вакцини, и си играше со чувствата на граѓаните. Ако им беше добро, немаше да се иселуваат. Јас не знам само како не чувствуваат малку срам – рече Мицкоски.