МИЦКОСКИ ДОБИЛ ДВЕ ТУЖБИ ЗА КЛЕВАТА Го тужел СДСМ зашто го нарекле „пион на Груевски“
Мицкоски од СДСМ барал симболичен надомест од едно евро, а Судот ѝ наложил на партијата да му ги плати судските трошоци на Мицкоски во износ од 12.098 денари во рок од 15 дена од правосилност на пресудата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека добил две тужби за клевета и навреда, едната против СДСМ, а другата против Љупчо Ристовски од Интегра.
„И со вака исклучително заробено судство, со исклучително ниска доверба, вистината не може да се заобиколи, а лагите да бидат премолчени. Канонадата на клевети, лаги и измислици од СДСМ и останатите нивни јавни, полутајни и тајни партнери, доаѓа време да се разобличи. Инстант клеветите и невистинитите афери нема да им донесат кариера на инстант залутаните во политика. Ова значи дека сме на вистинскиот пат, сѐ до конечна победа! Колку тие пониско удираат толку ние повисоко се креваме!“, напиша Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Основниот граѓански суд Скопје пресуди во корист на Мицкоски, поради објави на СДСМ на Фејсбук, во кои е наречен „пион на Груевски“.
Мицкоски барал симболичен надомест од едно евро. Судот му наложил на СДСМ да му ги плати судските трошоци на Мицкоски во износ од 12.098 денари во рок од 15 дена од правосилност на пресудата.
Тужбата против Љупчо Ристовски од Интегра, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја добил поради изјави дека тој го продал името и бил уценет.
Судот го задолжил Ристовски да му ги плати трошоците на Мицкоски во износ од 33.927 денари во рок од 15 дена од приемот на пресудата.