Мицкоски до Заев: Нема иднина ако не го вадите Груевски од уста
Мицкоски истакна дека претседател на ВМРО-ДПМНЕ е тој, а партијата се раководи по одлуки донесени на Извршниот и Централниот комитет, што според статутот е сосема легитимно.
СДСМ живее во паралелен свет каде што единствено нешто што ги интересира е Никола Груевски, а не реалноста во која што пливаат во лаги, невистини и очај, рече Мицкоски кој вечерва гостуваше на тв дуел.
Мицкоски истакна дека претседател на ВМРО-ДПМНЕ е тој, а партијата се раководи по одлуки донесени на Извршниот и Централниот комитет, што според статутот е сосема легитимно. Наместо тоа, Мицкоски вели дека СДСМ треба да излезе од минатото и да се соочи со реалноста дека само за неколку денови оди во опозиција.
– Господине Заев, не може да одите кон иднината, а да не го вадите од уста Никола Груевски. Секогаш кога сте во недостиг на аргументи, го спомнувате Никола Груевски, иако самите дозволивте да си замине од земјата. СДСМ е во очај и во пресрет на најголемиот пораз во историјата на партијата, пробуваат да манипулираат со народот кој одамна знае кого треба да одбере на претстојните избори. СДСМ заминува во историјата и тоа е неминовно – рече Мицкоски.