Мицкоски до Вархеи: ЕУ нема алтернатива, сè друго ќе претставува купување време и нова лажна надеж од Заев

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочил дека забележливи се злоупотребите кои власта во Македонија ги прави со европските вредности, а најеклатантен пример е воведувањето на поголеми давачки за граѓаните преку злоупотреба на европското знаменце.

295

Европските перспективи на земјата како и актуелните случувања во Македонија биле теми за кои се разговарало на средбата помеѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателот на партијата Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски со комесарот за проширување на Европската Унија (ЕУ), Оливер Вархеи.

– Државата уште во 2009-та година ги исполни сите критериуми за старт на преговорите, но спорот со Бугарија за кој Заев не убедуваше дека ги затворил сите отворени прашања, претставува непремостлива пречка. Тоа што дополнително загрижува е отсуството на план на владата за излез од не само економската туку политичка криза наметната поради застојот на интеграциите – истакна Мицкоски.






Тој посочил дека забележливи се злоупотребите кои власта во Македонија ги прави со европските вредности, а најеклатантен пример е воведувањето на поголеми давачки за граѓаните преку злоупотреба на европското знаменце. Според Мицкоски, таквото однесување нема никаква врска и е спротивно со вредностите на Европската Унија.

– Не сум тука да создаваме препреки на патот кон ЕУ туку да создадеме позитивна клима да државата да се придвижи напред, а тоа е можно со чесен и искрен пристап. Патот кон ЕУ нема алтернатива а сè друго ќе претставува купување време и нова лажна надеж од Заев – рече Мицкоски.

Соговорниците ги потврдија добрите и пријателски односи, како и заложбите за соработка на патот кон ЕУ, соопшти партијата.

Поврзани содржини