МИЦКОСКИ ДО ПОНЕДЕЛНИК МУ ДАДЕ РОК НА ЗАЕВ Ако не даде оставка, ќе гласаме за доверба на Влада ВИДЕО
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција не одговори на новинарското прашање, дали би влегол во коалиција ДУИ по евентуални предвремени избори, доколку не успее да состави влада.
– Не сакам да коментирам претпоставки. Нашата цел е да го поразиме СДСМ и да го развластиме ДУИ. Би сакал да имаме политичка влада која ќе има кредибилитет и ќе работи во полн капацитет и ќе ги спроведе сите реформи. Немам дилема дека некој од 61 пратеници кои се потпишани, ќе се предомисли. Очекуваме до понеделник да пристигне оставката на Заев во парламент, а ако не стигне, ја почнуваме постапката за изгласување недоверба на Влада – рече Мицкоски.
Тој најави лидерска средба со лидерите на партиите кои застанаа зад иницијативата за ново мнозинство и ги повика сите лидери кои сакаат „да излеземе од оваа кал во која не втурна владата на СДСМ“.
На прашањето што доколку СДСМ и ДУИ не поддржат предвремени избори, Мицкоски рече дека ќе треба да ги видат нивните аргументи за тоа, па да дискутираат.
– Ако дојде до одлука за избори ќе мора да се седне со сите лидери и да го договориме датумот на изборите – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече дека се прават жестоки притисоци врз пратениците кои се потпишаа за новото парламентарно мнозинство. Тој не сакаше да го коментира статусот на АФејсбук на Димитар Апасиев, кој денеска напиша дека нема да биде дел од владата со ВМРО ДПМНЕ, туку со нивните потписи само помагаат да падне владата на Заев.