Актуелната политичка состојба во Република Македонија била тема на средбата помеѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, со новиот евроамбасадор Дејвид Гир. Мицкоски на Гир му ги истакнал главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој појаснил дека со новиот мандат на старата влада на СДСМ веднаш се качи цената на струјата за 7.4 отсто. Наместо власта да помогне на граѓаните во справување со економската криза, таа ги качува даноците.
– Економијата е пред колапс, власта допринесе над 40.000 граѓани да останат на улица, а БДП да падне на -12.7%. Околу 500.000 граѓани живеат под прагот на егзистенцијата, односно денот го поминуваат со 50-тина денари. Токму економската состојба во Македонија говори за способноста на власта да се справи со ковид и економската криза – истакна Мицкоски.
Евроамбасадорот Гир бил информиран и за степенот на криминал во Македонија. Мицкоски потенцирал дека во државата криминалот и корупцијата се на високо ниво, а правдата е селективна, односно се суди само на луѓе од опозицијата.
Мицкоски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ како одговорна политичка партија има јасни и конкретни политики кои ќе ја насочат Република Македонија на вистинскиот пат. ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага Македонија да влезе во Европска Унија што е можно побргу.