🎥 МИЦКОСКИ ЧЕКА ОДГОВОР ОД КОВАЧЕВСКИ И ОД ПЕНДАРОВСКИ Ќе го бојкотирате ли вториот круг ако разликата е со 6 бројки?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испрати пораки до повеќе засегнати категории на граѓани, како до најмлади, земјоделците, докторите ... а имаше и моќна порака до Македонија, цитирајќи делови од култната македонска песна „Заветна“.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва се обрати пред илјадници граѓани кои дојдоа на големиот сенароден митинг да ѝ искажат поддршка на кандидатката за претседателка на Македонија, професорката Гордна Силјановска Давкова.
Во своето обраќање Мицкоски се осврна и на предизборната конвенција на противкандидатот на Силјановска, актуелниот претседател Стево Пендаровски.
– Главната порака беше дека Стево не крадел. Замислете каков напредок е тоа и каков врвен успех е тоа што сам си се прогласи дека не крадел. Па, се подразбира дека не треба да се прави и не знам дали човеков очекува Нобелова награда за тоа, но самото потенцирање на тој факт во услови кога корупцијата галопира, само значи дека Стево индиректно ни порача дека владата краде, ама не и тој. И во таквиот занес во салата и продавање на магла сите аплаудираат на овој огромен успех, само Миле Зечевиќ не. Си знае тој, сфати колку е часот и што е пораката – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Пендаровски го поминал мандатот како аналитичар без свое јас, а не претседател и личност со интегритет, па му порача дека на овие избори ќе загуби катастрофално.
– Толку силно што во вториот круг нема да му се оди на избори. Во неговото опкружување најмногу се плашеле од тоа како ќе го смират после првиот круг и како ќе го натераат да ја приврши кампањата до крај. Па од тука сакам јавно да ги прашам Ковачевски и Пендаровски, дали ако разликата меѓу Пендаровски и професорката Силјановска биде во 6 цифри, Ковачевски, Ахмети и Пендаровски ќе го бојкотираат вториот круг по поразот од првиот – рече Мицкоски.
Тој испрати пораки до повеќе засегнати категории на граѓани, како до најмлади, земјоделците, докторите … а имаше и моќна порака до Македонија, цитирајќи делови од култната македонска песна „Заветна“.
„Порака до Македонија . . .
Негде ќе те премолчат негде ќе те сокријат, гроб со гроба ќе покријат, само ти си бесмртна жива вода подземна, кај што тонеш ти извираш.
Векови пеколни заедно ќе минеме, древна земјо македонска, така е пишано ништо да не бидеме, ти без мене јас без тебе. . .
Може да те одречат други да те предадат, можат сешто да измислат, само ти си бесмртна, жива вода подземна, кај што тонеш ти, Македонијо, извираш“, порача Мицкоски.