Мицкоски: Буџетот крахира, a безмилосно се трошат пари во обид да се корумпираат гласачите

205

Економијата колабира, државата се движи во амбис, нема ништо од она што го велеа дека „блескаме“, а тоа најмногу го чувствуваат граѓаните и бизнисот, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес конференција на која, откако презентираше податоци за четири економски индикатори, предупреди дека е потребно државата да направи план како да се излезе од кризата предизикана од пандемијата на ковид-19 затоа што владините мерки не даваат резутати.

Тој зборувајќи за индустриското производство рече дека во март 2020 година тоа е за 13,4 отсто помало од истиот месец во 2019 година, а за периодот од јануари месец до март 2020 година или првиот квартал од оваа 2020 година е за цели 3,7 отсто пониско од истиот период во 2019 година.






– Преработувачката индустрија, пак, која што е најголем дел од индустриското производство, некаде околу 75 отсто, во месец март 2020 година бележи пад од цели 14,3 отсто споредено со истиот месец во 2019 година. Периодот од јануари до март месец во 2020 година кај преработувачката индустрија е забележан пад од 2 отсто споредено со истиот период од минатата година. Ова е во првиот квартал на оваа година, во месеците јануари и март. Можеме да замислиме што ќе се случува во најтешките месеци, во вториот квартал а тоа се месеците април, мај и јуни, додека повторно гледаме пресврт во ставовите на ресорниот министер и пресврт во ставовите на Зоран Заев дека повторно почнуваме да блескаме – рече Мицкоски.

За истиот тој период, според Мицкоски, вториот индикатор вели дека бројот на работниците во индустријата во март е за 4,5 отсто помал од бројот на работниците во март во 2019 година, а бројот на работниците во периодот јануари и март во 2020 година во првиот квартал е за цели 3,6 отсто помал од бројот на работниците во индустријата за истиот период во 2019 година.

Во однос на стоковата размена, лидерот на опозицијата рече дека извозот во март бележи рекорден пад од 26,6 отсто споредено со истиот период лани.

Извозот, оној кој што е најзначаен за македонската економија и за сите оние компании кои се извозни, во месец март 2020 година, бележи рекорден пад од 26,6 отсто споредено со истиот месец во 2019 година, а во периодот од јануари до март 2020 година извозот бележи пад од 8 отсто споредено со истиот период во 2019 година, рече Мицкоски.

– Додека буџетот слабо се полни, додека буџетот крахира и додека не убедуваат дека блескаме, а потоа одиме во амбис, па повторно блескаме, безмилосно се трошат пари од истиот тој буџет, се реализира буџетскиот дефицит во вредност од 7,4 милијарди денари, или приближно 120 милини евра во обид да се корумпираат гласачите во првите три месеци, а тоа коинцидира со периодот пред реализирањето на веќе одложените предвремени парламентарни избори – рече Мицкоски и најави дека ВМРО – ДПМНЕ подготвува нови предлог мерки како да се врати екомомијата, иако, како што рече, власта, „примитивно“ ги игнорираа претходните нивни предлози.

Мицкоски предупреди дека најлошото допрва доаѓа, во месеците април, мај и јуни со оглед на параметрите од претходните месеци и во однос на даноците што ги собира УЈП.

– Управата за јавни приходи од тој период, од јануари до месец април 2020 година планирала да собере околу 31 милијарда денари, а реализирани се 24,7 милијарди денари или за 20 проценти помалку од планираното. Зборуваме за даноци кои што се однесуваат  на последниот месец од 2019 година и на првите три месеци од 2020 година. Најтешкото допрва следи, а тоа се месеците април, мај и јуни. Овие даноци кои што ги прибрала Управата за јавни приходи се за 10 проценти помали за истиот период од 2019 година. З април, планирани биле во април 2020 година да бидат собрани 8 милијарди и 900 милиони денари, а реализирани или собрани се 5 милијарди и 600 милиони денари, или за цели 3,3 милијарди денари помалку или тоа е од прилика околу 55 милиони евра помалку. Тоа значи дека за 37 проценти Управата за јавни приходи во месец април успеала да собере помалку даноци, споредено со планираното или за цели 29 проценти помалку од истиот месец во 2019 година – објасни Мицкоски.

Тој одговори и на прашање во пресрет на состанокот на Комисијата за заштита од заразни болести, кој министерот Филипче го најави за утре и околу можноста за одржување на парламентарните избори.

– Јас сум сигурен дека, доколку Филипче и останатите одлучат да постапат како лекари  и луѓе кои што навистина се грижат за здравјето на граѓаните, немам дилема дека ставот ќе биде поразличен од оној на желбите на Зоран Заев, Радмила Шекеринска и ова раководство на СДСМ- порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес конференција.

 

 

 

 

Поврзани содржини