МИЦКОСКИ БАРА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ Час поскоро, без техничка влада и со една изборна единица
Подготвени сме и до Парламентот ќе доставиме измени на Изборниот законик, во коишто нема да има техничка влада односно сто дена губење време на граѓаните, туку ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена , порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид додавајќи дека опозицијата е подготвена да разговара и за една изборна единица.
Час поскоро треба да се случат предвремени парламентарни избори. Ова парламентарно мнозинство и владата на ДУИ администрирана од Ковачевски се одржува на вештачки начин, порача денеска од Охрид Христијан Мицкоски, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Тој најави дека наскоро опозициската партија ќе предложи и активности во насока на што поскоро распишување нови избори.
– Подготвени сме и до Парламентот ќе доставиме измени на Изборниот законик, во коишто нема да има техничка влада односно сто дена губење време на граѓаните, туку ќе го користиме оној уставен рок од 45 до 60 дена – рече Мицкоски.
Лидерот на опозицијата порача и дека ВМРО-ДПМНЕ не се противи да се оди на избори и со постојниот состав на владата.
– Ако се исплашени нека остане Спасовски министер за внатрешни работи, нека остане новиот министер за труд и социјала … Нема да има од опозицијата заменици во земјоделство, финансии, во информатичко општество, нека остане оваа влада каква што е и да одиме на предвремени парламентарни избори – рече Мицкоски, притоа најавувајќи дека опозициската партија е подготвена да разговара и за воведување на една изборна единица.
Според Мицкоски народот бара избори за да ја прекине четиригодишната агонија од владеењето на СДСМ и ДУИ.
– Зад нас е една прилично тешка и предизвикувачка година. Година во која што имавме голем предизвик пред се со КОВИД пандемијата. Година во која што за жал имавме голем предизвик во економијата, во образованието, имавме многу политички предизвици. Година во која што народот одлучи да оваа власт која што четири години буквално не спроведе никаква реформа да ја прати во опозиција. Но за жал поради политичка некултура и постизборни математики се уште продолжува агонијата – рече Мицкоски.