Апелирам до Пендаровски да прогласи вонредна состојба во Македонија што поскоро и да не се губи време и да не навлегуваме во правните проблеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните и заштита на нивното здравје, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој пред малку одржа прес конференција на отворено пред седиштето на партијата.
– Во овој момент постои и дилема кај правните експерти за што е поделотворно да се примени. Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да се помогне на граѓаните апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи според Уставот вонредна состојба во Македонија час поскоро. Да не се губи драгоцено време, а поважно од тоа дали е вонредна или кризна состојба е тоа мерките и помошта да стигне до граѓаните – вели Мицкоски кој од пред париското седиште порача:
– Доста е со правни преседани, доста е со кршење на Уставот, треба да се засукаат ракавите и да се работи на терен – одговори Мицкоски на новинарско прашање да го коментира барањето на СДСМ да се свика Собранието.
Тој забележа дека Владата доцни со мерките и предупреди дека кризата ќе се зголемува.
– Неопходно е итно дејство на Владата и носење на одлуки кои подразбираат и посериозни фискални импликации и поголема мобилност на институциите во справување со состојбата на терен. Токму затоа пред 6 дена побарав прогласување на кризна состојба – рече Мицкоски и додаде дека Владата треба да престане не се грижи за ПР, туку за здравјето на граѓаните и нагласи дека веднаш по прогласување на вонредната состојба да донесе одлуки за заштита на бизнисот и компниите.
– Не знам што чекаа досега, дел од мерките што ги предложивме уште во петокот ги прифатија дури денеска – додаде Мицкоски.
Тој предупреди дека ни претстои сериозна здравствена, санитарна и економска криза.
– Мора Владата да обезбеди бесплатни маски за граѓаните. Мора да ги казни компаниите кои пробуваат енормно да спечалат преку продажба на медицински препарати и средства. Да заштити од бран на покачувања на цените на основните производи. Мора да се погрижи за соодветни услови за одвивање на здравствената нега, но и воедно добивам загрижувачки податоци дека има ограничени количини на крв од само неколку дена што мора да се надмине што поскоро. Владата мора да ги награди и медицинскиот персонал, докторите, и сите останати служби што се на првата линија на борба со пандемијата. Тие мора да добијат почит за нивната храброст и посветеност – порача лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Тој предложи замрзнување на обврските на компаниите кон банките за месец март, чија што работа е погодена со состојбата на корона вирусот.
– Така и на банките ќе им се помогне. Државата да ги ослободи компаниите од трошоците за придонеси за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот. Тоа се секторите кои што се најмногу погодени, како што се туризмот, угостителството, текстилната, кожарска и сите оние останати сектори – додаде Мицкоски и ѝ порача на Владата, освен за пи-арот да се грижи и за граѓаните.
– Немојте да се натпреварувате кој повеќе прес конференции ќе одржи, туку натпреварувајте се кој повеќе протоколи ќе усвои и како да се справиме со пандемијата. Да делуваме одговорно, да работиме за граѓаните и да работиме на здравјето на граѓаните и економијата – порача Мицкоски.