Мицкоски ја повика дијаспората да се пријави на онлајн апликацијата за попис
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да ги признае резултатите од пописот бидејќи се политички и најави детална проверка на резултатите по преземање на власта.
ВМРО-ДПМНЕ за 24 часа, или по 3 часа дневно, во рок од 8 дена собра повеќе од 100.000 потписи од граѓани кои се незадоволни од начинот на кој се води операцијата попис, информира на фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој ја повика дијаспорета да се пријави на онлајн апликацијата за попис.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја води битката против мафијашката власт од внатре низ институциите за одложување на пописот, а во меѓувреме е потребно истата таа операција да ја девалвираме. Затоа, ја повикуваме дијаспората масовно да се пријави на онлајн апликацијата. Доколку мафијашката власт продолжи насилно да се однесува, тогаш при превземањето на институциите истата ќе биде предмет на детална проверка, а ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае овие политички резултати“, пишува Мицкоски.
Мицкоски го сподели и линкот до Државниот завод за статистика на кој се врши пописот на дијаспората.
„Можете да се попишете на следниот линк https://popis2021.stat.gov.mk“, напиша Мицкоски.