Ми требаа неколку години за да можам повторно да кажам „тато“.
„Тој беше оној, чие име не се изговара“, вели оваа млада жена која по разводот на родителите се отуѓила од својот татко. Сега ја споделува својата приказна, една од многуте за отуѓувањето меѓу родител и дете, од гледна точка на едно некогашно дете на разведени родители
Здраво,
Не знам дали ме гледаш. Јас сум онаа мирна ученичка за која професорите ќе речат „Чест на исклучоците, сите би требало да се угледаат на неа“.
Здраво,
Не знам дали ме гледаш. Јас не правам проблеми и долго време се обидував да бидам таа што не оптоварува.
Здраво,
Имам 28 години и често зборувам со глас на мало девојче кое е помало од тебе – така нема да ме нападнеш.
И за што ти треба оваа приказна ако сум мирна? Ако е сè во ред со мене.
Можеби не е сè во ред, но нели секој има некој проблем со кој се бори?
Секој има своја приказна, настани и искуства што ја градат.
Можеби мојата приказна е слична на некој начин со другите приказни, но затоа знам дека не сум сама.
Можете да ја свртите главата, да кликнете на икс, да го префрлите вниманието на други написи и коментари.
Нема да се лутам. Во ред е. Сè уште често мислам дека нема ништо интересно во мојата приказна.
Можете да направите нешто друго … можете да се обидете да ме погледнете, заедно со мене, преку овој текст. Обидете се да не бегате. Откријте барем дел од тоа што сум. Затоа што иако не ме гледате, јас постојам.
Кога бев во основно училиште, сакав да научам сè . Еден ден сакав да знам сè за светот, сè за Универзумот и сите работи што не опкружуваат за да можам да се пријавам на „Милионер“ и да го освојам милионот. Тоа беше една од причините зошто сакав да одам на училиште. Тато не го пропушташе „Милионер“, а мама фаќаше по нешто овде-онде додека подготвуваше ручеци и вечери во кујната.
„Тој никогаш не помага ништо!“
Секогаш кога ќе дојдеа мајстори за да ја поправат машината, прозорците, покривот, центрифугата, машината, мама великодушно ги послужуваше, се грижеше да не се жедни, да не се гладни, ги фалеше за нивната работа. Не знам што правеше тато, претпоставувам дека ќе станеше од каучот, ќе се насмевнеше, ќе искоментираше малку.
„Тој не мрда со прст од таа телевизија!
Татко ми честопати споменуваше дека немаме доволно пари. Не сакаше да купиме компјутер. Тој не се согласуваше ако мама предложеше нешто да се поправи. Мавташе со некои хартии.
„Гледаш како оди на кафе секој ден. Има пари за тоа!“
Расправиите станаа почести. Не знам дали е во ред терминот што го користам. Мама и тато рекоа дека не се расправаат. Тие само зборуваа. Зборуваа многу гласно. Зборуваа секој ден. Одев во собата и вклучував телевизија додека, најчесто тато, не одлучи да ме вклучи во дискусијата и да праша кој е во право.
Еднаш истрчав да земам коцки чоколадо од фрижидерот, седнав пред нив и се преправав дека јадам пуканки и гледам филм. И двајцата ми викаа. Тие повторно не се расправаа.
„Ако тато те праша каде би живеела ако се разведеме, одговори му – никогаш нема да се разведете“.
Додека тато беше на пат, мама ми покажа како дел од таванот во собата паднал на креветот. Всушност, тој навистина не падна сам, туку ми покажа како таа го урнала со чекан.
„Тој таван беше како забите на баба. Замисли, тој ме тера да спијам таму!“
Бев многу исплашена секој пат кога се расправаа. Не ми беше јасно од што точно се плашев бидејќи немаше физичко насилство, па од што се плашев тогаш. Тато ме плашеше многу повеќе затоа што беше погласен. Мајка ми еднаш ме праша дали можам да ја видам модринката на нејзиниот врат. Ми рече дека ѝ удрил шлаканица додека бев отсутна и таа паднала на каучот, па сакаше да пријави, но за жал не видов ништо.
Беше страшно да се живее така. Кога мама и тато ќе се сретнеа во град, имаа две реакции на располагање – прецизно „Добар ден!“ Или обвинување од сите агли. Дома не се поздравуваа, а тишината ќе ја прекинеше огромната врева што се обидував да ја игнорирам.
„Ако ти не се согласеше да се разделиме, јас немаше да се разведам од него.
Живеевме некое време заедно и откако се разделија.
Кога конечно се одвоивме од него, не сакав да имам ништо со него. Ако мајка ми може да се раздели со него и да се извлече од неговото лошо влијание, зошто јас го немам истото право?
Се обидов да го минимизирам контактот со него. Одев кај него само кога морав.
Кога најде фотографија од нив заедно во кутиите со предметите од станот, мајка ми брзо ја искина.
Еднаш донесов киви од татко ми, откако ме убеди да ги земам бидејќи нема каде да ги носи. Торба или две. Мајка ми сака киви.
„Како можеше да го донесеш тоа?!“
Таа секогаш имаше подготвена приказна за тоа зошто не треба да се фрла храната, но за овие киви немаше спас. Тие завршија во контејнерот пред зградата.
Таа ме убеди да одам кај него, да ги земам парите ако ми ги понуди затоа што беше толку себичен што не натера да живееме во овој мал стан надвор од градот. На нејзиното лице гледав олеснување кога ќе одлучев да не одам.
„Детето не сака да има контакт со нејзиниот татко!
Конечно успеав да стигнам до точка каде што воопшто не требаше да го посетувам. Се гордеев што разводот конечно стигна и до мене. Конечно, и јас сум слободна. Не разговарав со него веќе три години. Многу ми беше мило што јас и мама се извлековме од таков насилник и посесивна, пасивно агресивна, љубоморна личност.
Сепак, јас и мајка ми се каравме.
„Ти си иста како твојот (тишина со израз на гадење) татко!“
Тогаш знаев дека сум направила нешто со што сум ја надминала секоја мерка и дека сум направила нешто ужасно. Но, мама сепак ме сакаше.
„Само поради тебе ми е мило што морав да поминам низ сè што сум поминала. Ако немав никаква врска со него, Бог немаше да ми те даде тебе“.
Почнав полека повторно да контактирам со него. Му беше мило што дојдов. Тој не беше агресивен, но дури по долго време се уверив дека тој навистина не е некој што само се дере. Кога сум со него, не мора да обрнувам внимание на она што го зборувам од страв од тоа како може да се чувствува. Неговите реакции не ми изгледаат нагли и емотивни како оние на мајка ми.
Сфатив дека имаме сличности. Сфатив дека само затоа што имам различно мислење од мајка ми и да не ги сакам истите работи што ги сака мајка ми, не мора да е лошо. „Иста си како татко ти!“ Веќе не ме боли на истиот начин како порано. Порано мислев дека да се биде ист како татко ми е нешто ужасно лошо и ќе ми беше жал ако сум се однесувала така. Сега ме боли само тоа што ми е знак дека мама сака да го прикаже тато во лошо светло, и жал ми е за тоа.
Се сеќавам дека кога бев помлада и кога правев нешто што не ѝ се допаѓаше, мама коментираше „Намести го тоа, тато ќе се налути многу кога ќе види!“ Се плашев од реакцијата на тато и брзо средував.
Неодамна, додека мајка ми го чуваше внукот ја слушнав како вели: „Јади го до крај, тетка ти многу ќе се налути ако не изедеш се“ – Тоа не беше вистина. Сфатив дека мама не може да каже што сака, туку за тоа ја користи заканата со другите луѓе.
Ми требаа неколку години за да можам повторно да кажам „тато“. Тој беше оној, чие име не се изговара. Мило ми е да го користам зборот тато. Да го напишам зборот тато. Да разговарам со некого за тоа како го поминува денот татко ми, но јас сепак избегнувам да го викам тато кога ќе го видам во живо. Сè уште не можам да го гушнам. Сега помалку од страв дека ќе ми направи нешто, и повеќе од срам и вина затоа што мислев дека е лоша личност.
Живеам со мајка ми. Мама навистина се грижеше за мене, а и сè уште се грижи.
Една пријателка еднаш ми рече: „Знаеш што, верувам дека сите луѓе прават најдобро што знаат во моментот во кој се наоѓаат и со искуството што го имаат.“ Се согласувам со неа. Иако сакам да ја обвинувам и лута сум ѝ на мајка ми што го оцрнуваше татко ми и со тоа придонесе за нашата разделба, јасно ми е дека таа тргна од сопственото искуство. Таа самата немаше добри односи со нејзините родители. Всушност, јас би проценила дека таа беше во многу понеповолна ситуација од мене, и од својата позиција и со своето искуство и знаење направи најдобро што може. Не верувам дека таа намерно не раздели мене и татко ми, но нејзините постапки придонесоа за тоа. Драго ми е што, по долго убедување, таа одлучи да оди на психотерапија и да работи на себе.
Сфатив дека во тој развод нема ниту еден виновник. Отпрвин ми се чинеше многу црно-бело. Тато е лош, мама е таа што е добра во целата приказна. По долгогодишна терапија, сфатив дека врската ја градат две лица. Нивниот развод не беше резултат на посесивната, агресивна љубомора на татко ми, туку дезориентација во комуникацијата помеѓу мама и тато. Мама не може јасно да ги артикулира своите потреби. Ако нешто не ѝ се допаѓа, таа ја користи заканата со друга личност. Ако сака нешто, другата личност мора да знае без прашање што сака. Тато, од друга страна, е малку поимпулсивен и реагира со кревање на гласот, на што мама би реагирала дополнително обвинувајќи го за неговата неспособност да ја сака.
Во моментов се гледам себеси како колатерална жртва. Сакав да живеам во друго семејство, бев лута на Бога што ме стави во тоа семејство, мислев дека тоа е мојот крст со кој мора да се справам. Видов на телевизија како изгледаат тие деца на разведени родители кои страдаат. Еден родител оди во автобус, детето трча по него и не сака да се раздели. Нема да викам или да плачам. Сите паѓаат на тој успех во училиштето. Јас ќе бидам најдобра. Се обидов да бидам многу добра во училиште и да не правам никакви проблеми, да покажам дека сум способна и дека можам добро да се справам со се. Си реков дека нивните расправии не се моја работа, туку беше меѓу нив.
Денес завршив факултет. Долго време мислев дека треба да постигнам голем успех, но патем сфатив дека не мора да сум совршена за да вредам како човек. Се обидувам да останам во Хрватска и да ги сменам работите овде. Сакам да бидам корисна.
Одам на психотерапија веќе неколку години. Се повредував себеси. Не се чувствував како да го живеам животот за себе. Ме обземеше вознемиреност кога тема на разговор или на час во училиште беше односот родител-дете, за некој да не открие дека нешто ми се случува. Се плашам да се обидам да бидам во врска. Не им верувам на луѓето.
Помалку сум вознемирена. Можам да слушам за теми за односите родител-дете. Сфатив дека тоа што сум се родила не е единствената работа што била добра во таа врска, единствената причина заради која вредело мајка ми да ја помине таа голгота со татко ми.
Не сум веќе суицидална. Почна да ми се враќа задоволството за живот. Учам дека можам да бидам јас – страшно е, но може да има интересни и корисни последици. Знам дека не мора да сум иста како мајка ми во мислите и можам и нормално е да имам ставови и преференции кои се различни од нејзините. Развивам доверба во психотерапевтот. Се обидувам да изградам доверба и со другите луѓе, но тоа оди бавно. Се чувствувам целосно отфрлена кога доживувам негативни коментари, кога некој откажува договор и слично.
Што ми беше потребно кога моите родители се разведуваа? (Смешно е, имам чувство дека разводот е нешто што трае, а всушност се вклопува во една реченица и сериозен изглед кога ќе се вратиш од излет: „Имаме нешто да ти кажеме. Се разведовме“). Некој стручен да работи со мене. Да ми каже дека е во ред да чувствувам сè што чувствував. Дека е во ред ако ми е тешко иако изгледа дека не сум во лоша ситуација. Дека не треба да се грижам дали ќе ги оптоварувам другите со себе. Некој да ми ги покаже сите реакции на детето за разводот на родителите, за да се препознаам во некои од нив. За запознавање на други деца чии родители се разведуваат.
Но, искрено, не знам како би си пристапила сама на себе во тој случај. Ѝ верував само на мајка ми. Некако бевме двете против светот. И јас не ѝ кажував се. Нешто од срам, нешто од желба да не ја преоптоварам.
Некои приказни се повеќе слични на мојата, некои приказни се различни.
Но, ова е мојата.
Која постојам.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Unsplash