МИ НУДЕА ДА БИДАМ ЗАМЕНИК РЕПУБЛИЧКИ ОБВИНИТЕЛ Русковска вели дека имала притисоци за да се откаже од случајот „Рашковски“
Кога не прифатив го зголемија влогот. Покрај тоа ми понудија синот од сестра ми, кој е обвинител во Куманово, да биде избран во Вишото обвинителство во Скопје, вели обвинителката за Телма.
Обвинителката Вилма Русковска во емисијата Топ Тема на телевизија Телма тврди дека предлогот за нејзино разрешување е резултат на истрагата што таа како шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ја отворила за Драги Рашковски кој беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев.
Имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат и било понудено да стане заменик републички јавен обвинител.
– Кога не прифатив го зголемија влогот. Покрај тоа ми понудија синот од сестра ми, кој е обвинител во Куманово, да биде избран во Вишото обвинителство во Скопје – рече Русковска.
Со овие понуди, како што рече таа, „сакаа да ме фатат на пенал, а тоа е почнувањето предистрага за тогашниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми“.
Русковска претпоставува дека со понудата на тие повисоки функции, ако таа ги прифатела, можеби ќе требало да се откаже од истрагата за случајот со Рашковски.
– Можеби и тоа беше причината, тогашниот премиер и јавно кажа дека не ми верува мене кога станува збор за овој предмет. Кога бевме сега на дисциплинската комисија, јас го предложив професорот Калајџиев, за сведок-експерт, бидејќи таму се наведува дека сум сторила повреди на Законот за кривична постапка, а Калајџиев кој бил дел од Законот за кривична постапка, да каже дали јас навистина сум го сторила тоа дело. Но, не беше прифатен како сведок. А како докази за дисциплинската постапка беа наведени само претставките од Арафат Муареми – вели Русковска за Телма.
Русковска како индикативен го спомена и случајот со станицата „Виа комерц“ каде технички преглед правел автобусот на „Беса транс“ од несреќата во Бугарија, а којашто требало претходно да биде затворена, но министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски три месеци чекал за да го потпише решението.