МИ ДАДОА КНИГА И ИМ ЈА ВРАТИВ Мицкоски објасни како настанала фотографијата со претседателот на клубот Цар Борис III
Една голема провокација која доаѓа како резултат на „поданичките и предавнички политики на владата на СДСМ“ е отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на прашање дали го познава претседателот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Томе Блажевски и да ја коментира фотографијата со него што кружи на социјалните мрежи, Мицкоски рече:
– Точно знам кога е направена таа фотографија. Бевме во Бигорски манастир да запалиме свеќи и тие беа таму како групација. Ми дадоа една книга, која нормално им ја вратив. Тоа е единствената моја средба со тоа момче.
– Ако очекуваа некаква поддршка и помош ако почнат процес на асимилација на својот народ, еве им пример како резултираше нивната политика која не треба понатаму да се поддржува. Таа политика резултира со отворање клуб со името на докажан фашист. Македонија и македонскиот народ како и ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе бидат на вистинската страна на историјата, на страната на антифашистичката борба и народот – додаде Мицкоски.
Тој потсети дека поднеле предлог-закон за именување на здруженијата во Собранието и очекува дека ќе добијат поддршка од власта.
– Се надевам дека конечно ќе им ставиме крај на овие продадени души за левови и дека тие никогаш веќе нема да го провоцираат напатениот македонски народ – додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.