Методологијата за спроведување на пописот ќе биде објавена во Службен весник
Во Методологијата се содржани сите детали за реализирањето на пописот.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски изјави дека методологијата за спроведување на пописот закажан за април месец ќе биде објавена во Службен весник како јавен документ и ќе ги содржи сите информации до најситен детал за неговото спроведување.
– Таму се содржани сите дефиниции на поимите што се дел од пописот, дефиниции на сите категории на населението, сите обврски на учесниците во пописот до најситните детали. Таму се сите белези за кои што ќе се собираат податоците, начинот на кој што ќе се собираат податоците за тие белези, значењето на белезите, која е примената на тој податок понатаму. Значи до најситни детали е објаснета целокупната постапка. И она што е многу важно, за прв пат во досегашната практика ова ќе биде објавено во Службен весник, значи ќе биде јавен документ и секој граѓанин ќе може да биде запознает со тоа што ќе работиме во најситен детал – рече Симовски пред средбата со државниот врв и градоначалниците.
На средбата ќе присуствуваат претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министерот за правда Бојан Маричиќ, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претседателот на ЗЕЛС Петре Шилегов и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
Според Законот, претседатели на пописните комисии во 50 региони ќе бидат секретарите на општините.