Методологија на замајување
Нашите катастрофални премрежија по онаа 1992 година често ни ги прикажуваат како сеништа што доаѓаа(т) сами и инцидентно или, пак, како резултат на некакви „високи интересни сфери“ и семоќната геополитика, што е само делумна вистина (да не речам ноторна лага). Секоја историја, па и нашата, има своја логика, редослед и – причини. Најчесто „скриени“, но сепак проѕирни. Всушност затоа и постои историјата, како наука којашто не заборава или прејудицира, а особено ужива во разоткривањето полуписмени „ставови“ на „мудреци“, платени да подметнуваат „факти“ и „вистини“. А кај нас такви – колку сакате.
Безмалку целата понова историја на македонската држава, онаа по 1992 година, е нагледна кратка историја на неспособноста, обвиткана со типична балканска методологија на замајување како општа доминантна „политика“. Па и онаа на државата и на нејзините институции. Навистина ли с(м)е толку неспособни или времето на изгубени илузии, пропаднати надежи и непредвидлива иднина така сериозно ја нарушиле нашата способност реално да ги согледуваме нештата?
Зашто, речиси е невозможно да конципирате листа на сите наши – општествени и државни – промашувања во изминативе години, а уште поневозможно е да најдете рационално објаснување за истите. Списокот би бил предолг, задолжително би заборавиле многу нешта, би ги измешале „приоритетите“ односно редоследот на поважните и помалку важните катастрофални „подароци“ коишто политичките и интелектуалните „елити“ му ги сервираа(т) на македонскиот граѓанин. Дојдовме дотаму и „македонското прашање“ да го гледаме како проблематично бидејќи создавало загрижувачко ехо „во средините на меѓународни фактори“, било „флоскула“, „несоодветен термин“ и слични глупости, коишто пак асоцирале на некои дамнешни времиња и територијални аспирации!
И интересно е како и тоа „прашање“ сега ни претставува проблем, ама не и сѐ друго што ни се случува(ше): целосната државна катастрофа на сите линии, страотното морално пропаѓање на општеството и тонењето во криминал, корупција, меѓуетничките тензии и др. Американската „црна листа“ е само дел од тие „мали“ но важни потсетувања што нѐ удираат како краткотрајни земјотреси, но со ефект од само два-три дена. И потоа – сѐ по старо.
Нашите катастрофални премрежија по онаа 1992 година често ни ги прикажуваат како сеништа што доаѓаа(т) сами и инцидентно или, пак, како резултат на некакви „високи интересни сфери“ и семоќната геополитика, што е само делумна вистина (да не речам ноторна лага). Секоја историја, па и нашата, има своја логика, редослед и – причини. Најчесто „скриени“, но сепак проѕирни. Всушност затоа и постои историјата, како наука којашто не заборава или прејудицира, а особено ужива во разоткривањето полуписмени „ставови“ на „мудреци“, платени да подметнуваат „факти“ и „вистини“. А кај нас такви – колку сакате.
Но премногу такви „реалности“ и „факти“ се изнагледавме и се изнаслушавме, најголемиот број ни се скршија од глава, а последиците ги влечеме до денес. Меѓу нив и „ремек делата“, уште од онаа криминална „приватизација“ па до Преспанскиот договор, од Тајван до Договорот за добрососедство и пријателство со источниот сосед, од протоколите до Законот за јазиците, па „француската рамка“… итн.! Цели три децении слушаме како „елитите“ си ја „лечат“ неспособноста преку мелемот за замајување на јавноста викан „мала држава“ во центарот на геополитиката или балканско јаболко на раздорот, при што секој самопрогласен експерт може да тропа на маса и дели лекции за глобални и локални „фактори“, „факти“ и „вистини“, што можеме/смееме а што не, кои се и какви се нашите перспективи филтрирани низ демагошките оптики на цела една орда „општествено-политички“ пискарала кои создаваа(т) тотално лажна реалност. Во чиј интерес? На неспособноста и лагата?
Но и тоа, тие и такви типови, се производ на овие три децении (и малку порано): приучени калфи со звучни презимиња кои мислат дека преку ноќ станале мајстори и манипулатори на фактите, полуписмени колпортери сместени одеднаш во некакви „редакции“, партиски професори и уште попартиски асистенти… Партиските зурли за нив се рапсодија а говорите на „лидеро“ чиста филозофија. Цели семејства се впрегнати во политикантски кочии, остатоци од некогашната „црвена буржоазија“ здружена со улични банди сега ни се претставуваат како „демократи“ и „експерти“ но со закречени умови.
Затоа впрочем и ни сервираат шарлатански факти како вистини, партиски „реалности“ како оправдување за индивидуалната неспособност…, едноканален свет којшто само тие умеат да го „толкуваат“. И затоа ние ништо не смееме, ние ништо не можеме, ние ништо не знаеме… вон востановените шаблони што ни ги поттураат како единствена можна „реалност“. И „факти“ со скандалозен призвук. Онаков како за „жената на градоначалникот“ како член на судскиот совет (малите букви се… знаете веќе што), „заборавајќи“ ја притоа „сестрата на пратеничката“!
Но никој нема одговор како, на пример, една држава, па нека е и САД, оддалечена точно 7.825 километри (Скопје-Вашингтон) ги има сите податоци за криминали сторени на територијата на Македонија, а македонските државни инстиутуции, сосе оние смешни Судски совет и Совет на јавни обвинители, не знаат ништо; или како, и зошто, истите криминали во државава секоја божја година се провлекуваат во извештаите на телата на ЕУ и никој не прашува зошто институциите не преземаат ништо? И како одеднаш, после новата „прозивка“ од САД, јавниот обвинител отвора предмет? А што со старите? Тој „глас“ не допрел до нив?!
Или зошто, по ѓаволите, дури и на Уставниот суд, после сѐ, му треба некакво дополнително експертско мислење и нови консултации за т.н. Закон за јазиците кога го има најекспертското односно најмеродавното: Мислењето на Венецијанската комисија?! Или сега треба да гледаме ново дефиле на наши самопрогласени експерти, дел од истите кои и го токмеле „законот“, или ќе бидат ангажирани некои други странски експерти вон оние од спомнатата Комисија? И кои би биле тие и зарем никој не помислува каква навреда е тоа за Советот на Европа и Венецијанската комисија? Или некој овде мисли дека нивните ангажирани известувачи за „случајот“ – Regina KIENER (Швајцарија), Jan VELAERS (Белгија), Ben VERMEULEN (Холандија) и Harald CHRISTIAN SCHEU (експерт на DG II) – не се доволни познавачи на таа материја?
Ако некој така мисли, треба(л) да ги прочита барем нивните биографии: Д-р Regina Kiener е професор по Уставно и административно право на универзитетите во Цирих и Берн и визитинг професор на Hebrew Универзитетот; Jan Velaers е професор по Уставно право на Универзитетот во Антверпен и член на Државниот совет на Белгија; д-р Ben Vermeulen е член и судија во Државниот совет на Холандија; Проф. д-р Harald Christian Scheu е предавач по Европско право и јавно меѓународно право на Универзитетот Чарлс во Прага итн. Овие експерти на Венецијанската комисија престојувале во Македонија и оствариле средби буквално со сите државни „фактори“: од тогашен премиер и заменик премиер одговорен за евроинтеграции, преку министрите за правда, политички систем, внатрешни работи…, претставници на Парламентот, Уставниот суд, Обвинителството и др.
И врз основа на сето тоа оформиле компетентно мислење коешто сега ние, демек „елегантно“, го заобиколуваме и бараме и – нешто друго? Прво, тоа воопшто не е елегантно и професионално, и второ, што е тоа друго, нешто што треба да задоволи некакви скриени етно страсти под превезот на „политичката димензија на конституционализмот“? Магарето сепак да лета, ама само одвреме навреме?! Ако пак кон ова се додаде и ставот на европската комисија (малите букви се…) уште од септември 2017 година дека „законското решение треба да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија“, зошто тогаш ние дополнително измислуваме топла вода за јавно замајување?
Просто е неразбирливо, не само во овој случај, зошто упорно целата држава се постројува на неспособната страна, во таборот на фрустрираните колебливци, и зошто упорно ни се провлекуваат непринципиелни и наводно компромисни а во суштина недемократски и правно неиздржани решенија? Факт е дека особено во последниве седум години, по диктат на една-две неспособни врхушки, земјата ја зафати силен не само дилетантски туку и во основа коруптивно-криминален бран, со тенденција да воведе крајно нерегуларни и неморални „стандарди“. Впрочем, тие се откриваат секојдневно, со фрапантни резултати и димензии. И во сите со ред, во самата основа, царува индивидуалната и групната неукост и епохална неспособност и неодговорност, поддржувана од врвни државни институции.
И тоа мора да престане. Ако не сега – кога? Да, мигот е можеби „политички“ контроверзен, неморалот страотен, светот налудничаво се движи кон самоубиство… но, имаме ли ние навистина на располагање уште нови три децении да си играме држава?
Извор: Теодосиевски уметност