МЕТАВЕРЗУМОТ ЌЕ БИДЕ НОВИОТ ИНТЕРНЕТ Поради него и Фејсбук ќе го смени името (ВИДЕО)
Виртуелно ќе работиме со колегите, ќе се дружиме, а на повидок е и ВР-економија. За да се изгради метаверзумот на Фејсбук ќе требаат 10 до 15 години, а од колачот ќе сакаат да грабнат и други мега-корпорации.
Метаверзумот ќе биде нов интернет или она што се денешните паметни телефони за првите мобилни кои излегоа на времето. Но, метаверзумот не е само обична виртуелна реалност(ВР) како што некои мислат, пишува Би-Би-Си, тоа е целосна промена на нашите животи, а веројатно ќе го смени и името на самата компанија Фејсбук, која ќе вработи 10.000 луѓе во Европа да го развиваат овој мета-простор.
Однадвор окулус за ВР, одвнатре 3Д-аватар
Неодамна Фејсбук најави дека ќе развие свои паметни очила со кои преку гласовна команда ќе можеме да правиме фотки и да ги постираме на својот профил. Но, за да запливате во вистинскиот мета-простор ќе ви требаат ВР-очила налик на Oculus, кои имаат и два контролери за рацете со кои ќе можете да извршувате разни функции, а ќе имате свој личен профил, наречен „3Д-аватар“.
Фејсбук инвестираше 50 милиони американски долари кај невладини организации за да помогнат „одговорно да се изгради метаверзумот“. За негово завршување ќе требаат од 10 до 15 години.
Кој друг е заинтересиран за метаверзумот?
Г-дин Свини, шефот на Epic Games (што го прави Fortnite), долго зборуваше за неговите метаверзум-аспирации. Онлајн мултиплеер игрите имаат заеднички интерактивни светови со децении наназад. Тие не се метаверзум, но делат заеднички концепти.
Во последниве години, Fortnite го прошири својот производ и одржуваше концерти, настани за брендови и многу повеќе во сопствениот дигитален свет. Тоа импресионираше многумина со она што беше можно.
И другите игри се приближуваат до идејата за метаверзум, исто така. Roblox, на пример, е платформа за илјадници индивидуални игри поврзани со поголемиот екосистем. Во меѓувреме, Unity, развојна платформа за 3Д-игри, инвестира во „дигитални близнаци“, дигитални копии од реалниот свет, а графичката компанија Nvidia го гради својот „Omniverse“, кој го опишува како платформа за поврзување на 3Д виртуелни светови.

Значи, сето ова е само за игри?
Не. Метаверзумот ќе може да се користи за каков било контакт со луѓе. На пример, Фејсбук експериментираше со апликација за ВР-состаноци наречена Workplace и социјален простор наречен Horizons каде луѓето ги користат своите виртуелни аватар системи.
Друга апликација за виртуелна реалност, VRChat, е целосно фокусирана на дружење преку Интернет и разговор – без посебна цел, освен истражувањтое на нови средини и запознавање на луѓе.
Сакате виртуелно да пробате автомобил или облека пред да ги купите?
Замислете свет во кој производителот на автомобили се обидува да рекламира нов модел и оп, „го постира својот автомобил во светот во реално време и ќе можете (виртуелно) да го возите“.
Можеби кога одите на шопинг преку Интернет, прво ќе пробате дигитална облека, а потоа ќе нарачате да пристигне во реалниот свет.

Виртуелна НФТ-економија со брзината на 5Г-сигнал
ВР-технологијата измина долг пат во последниве години, со слушалки од висока класа, кои можат да го измамат човечкото око да гледа во 3Д додека играчот се движи низ виртуелен свет. Всушност, слушалките за игри Oculus Quest 2 VR беа популарен божиќен подарок во 2020 година.
Веќе се јавува огромен интерес за НФТ-технологијата, која обезбедува сигурно следење на сопственоста на дигиталните производи. Ова е добар пример, како би можела да функционира виртуелната економија.
Засега, сè е во рана фаза. За да се случи метаверзумот, меѓу другото ќе ни треба 5Г сигнал на нашите уреди. А за тоа треба време. Еволуцијата на метаверзумот, ако воопшто се случи, ќе биде мега-колачот околу кој ќе се тепаат големите корпорации.