Аргентинскиот фудбалер Лео Меси објави дека ќе остане во Барселона и наредната сезона, десет дена откако испрати писмено барање да му се дозволи да си замине како слободен играч.
Клубот и шпанската лига кажаа дека тој може да замине само ако некој ја плати откупната клаузула од 700 милиони евра, што Меси тврдеше дека е истечена.
– Му кажав на клубот, вклучувајќи го претседателот дека сакам да си одам. Им го кажував тоа цела година. Верував дека сега е време да си одам. Претседателот секогаш кажуваше дека на крајот на сезоната ќе можам да решам дали ќе останам или ќе си одам. Тие сега се повикаа на фактот дека не сум го кажал тоа до 10 јуни, но на 10 јуни ние сѐ уште го игравме првенството, бидејќи коронавирусот ја измени целата сезона. Тоа е причината што и натаму останувам во клубот. Невозможно е некој да плати отштета од 700 милиони евра – изјави Меси, чиј татко деновиве пристигна на преговори во Барселона.
Тој вели дека имало и друг начин – да оди на суд.
– Тоа е клубот на мојот живот, мојот живот го создадов тука. Барса ми даде се, јас и дадов се на Барса. Никогаш не би ни помислил да одам на суд – нагласи фудбалерот.