Мерси, разбираш…
Во Европскиот парламент се случи – за Македонија извонредна работа, аранжман на нашите намќор соседи: Бугарија. Во својот шовинистички занес, Бугарија им ја откри на европските пратеници вистинската агенда. Долго време, тие го продаваа слоганот „човекови права на Бугарите во Македонија“ – фраза со добра звучност за европските уши, бидејќи се повикува на темелните вредности на Унијата.
Прво мислев дека е некаква шега, кога видов дека најголемата опозициона партија решила пред-кампањата на локалните избори, формално како критика за една година владеење, да ја нарече: „Македонија е понижена“. За жал, не е шега на некој сокриен профил од Facebook или друга мрежа. Ова е вистинскиот слоган на партијата што: смени знаме по барање на друга земја; прифати референца; направи Франкенштајн од територијалната организација, воведувајќи преседан за користење на бојкот на референдум; го смени уставното име; го избриша значењето на АСНОМ за формирањето на современата македонска држава; потпиша заедничка историја со сосед кој не нè признава; и сето тоа го направи под притисок од надвор и го нарече „храбри чекори“. Од листа во која е многу тешко да се најде каде си повеќе понижен, навреден и прекршен – овие луѓе решиле да кажат дека „понижувањето допрва дошло“. Во еден свој Facebook запис, констатирав дека единствено можно објаснување е дека живееме во различни универзуми, кои некако, се судираат токму овде, во Македонија.
Да ја разгледаме објективната реалност, на овој универзум, каде СДСМ е сериозно прегазена на избори заради наведените понижувања и е под закана да биде следната „народна партија“ во јатото каде е Љубчо Георгиевски. Објективната реалност е посложена – и поинтересна.
Во Европскиот парламент се случи – за Македонија извонредна работа, аранжман на нашите намќор соседи: Бугарија. Во својот шовинистички занес, Бугарија им ја откри на европските пратеници вистинската агенда. Долго време, тие го продаваа слоганот „човекови права на Бугарите во Македонија“ – фраза со добра звучност за европските уши, бидејќи се повикува на темелните вредности на Унијата. Но…
Во пракса, нема апсолутно никакви докази за систематско прекршување на човекови права врз етнички Бугари; тоа што го тепачка меѓу двајца едниот го навредил другиот по етничка линија, не може да биде случај на државно угнетување. Тоа што државата го осудува – со најмала можна казна – друг само-прокламиран Бугарин, за пишување статуси со кој го негира македонскиот идентитет – не е одземање на права, туку неодмерено мала казна за понижување на цел народ.
Македонија има правна рамка за сите малцинства, вклучително и за оние што се самоидентификуваат како Бугари, и секако, ако грешам, тука е европскиот суд за човекови права, во кој секој може да поднесе претставка и да покаже дека бил дискриминиран.
И што направија бугарските пратеници? Поднесоа амандман со кој се бара признавање на т.н. „модерен македонски идентитет“, односно, јавно и јасно ја изнесоа тезата пред целиот свет – Дека „македонскиот идентитет е проект од поново време“. Јасно покажаа дека сметаат дека македонскиот народ, култура и јазик се условни категории, кои можат да се „редефинираат“ со договор. Како што тие веруваат дека се создале. Во обид да нè натераат повторно да се објаснуваме за тоа што сме, тие самите ѝ ги открија на Европа своите вистински намери.
Нема веќе алиби за „малцински права“ – кога амандманите им се за националниот идентитет на соседот. Нема амандмани или барања од истите пратеници да се спомнат „човековите права на македонските Бугари“. Вистината излезе на виделина.
Не им е доволно
Сега, истата таа Бугарија повторно најавува сличен амандман пред Европскиот парламент – исто така директно: не нудат форма на загриженост за човекови права, туку внесуваат формулација што повторно се однесува на идентитетот на соседен народ. Со тоа не само што се потврдува вистинската природа на досегашната блокада, туку се отвора и еден подлабок проблем – желбата, суштински внатрешни прашања од национален карактер да се претворат во надворешно политичко средство, па дури и услов за евроинтеграција.
Таквиот потег, разбирливо, поттикнува и пошироки дилеми – за тоа како и зошто одредени државни политики можат да залутаат во реторики што се, најблаго речено, претенциозни. Не затоа што народите се такви, туку затоа што одвреме-навреме, раководства поттикнати од историографски митови, а понекогаш и од сосема приземни дневно-политички потреби, знаат да преминат граници кои долгорочно никому не му носат корист. Некој некогаш рекол: „Не постојат глупави народи, раси или држави, туку постојат глупави луѓе кои веруваат дека тие постојат.“ Делува како реченица што некој во Софија треба да си ја залепи над работното биро.
Ќе се цитирам себеси од една претходна колумна: Дали знаете кој бугарски политичар го рекол следново: „Многу пати имаме слушнато од Македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци, и одамна чекаме да чуеме докази за тоа, а никако да ги дочекаме…“? Рековте Каракачанов, Џамбаски, Борисов? Божо Димитров? Ќе се изненадите: ова е речено пред век и половина, од Петко Рачов Славејков – 17 јануари 1871 година. Значи, век и половина иста мантра, само со различен датум кога „Македонците пораснале ко јаболка на дрво“.
Во реалноста, токму таквите постапки предизвикуваат спротивен ефект – и сè повеќе европски гласови почнуваат да разбираат дека овде не станува збор за правата на одредена заедница, туку за темелите на постоење на еден цел народ. А тоа, ако ништо друго, веќе не е прашање само за Македонија – туку и за самите европски вредности и границите на легитимното политичко влијание. Како што посочи и премиерот: не знаеме каква одлука ќе донесе Европскиот парламент. Лага што се повторува век и половина, за некои навистина почнува да наликува на вистина. Но, ако парламентот одлучи исправно, признавајќи дека македонскиот идентитет – како секој автентичен – се градел со време, на своја земја, со свој јазик и своја култура, тогаш на бугарските пратеници кои и понатаму маршираат кон опасна идеолошка зона, ќе им кажам едноставно:
„Мерси, разбираш.“
П.С. „Се читаме“ после 20 август.