Мерко: Радожда е постаро од УНЕСКО, не знам што запнале за две-три платформи
Да се исели, односно да се избрка, жртвува едно население, мислам дека се паушални напади и тоа не е добро ниту за нас како град, ниту за населеното место. Јас не знам што се запнале за две-три платформи. Нека дојдат, ќе зборуваме, но никако паушално, вели струшкиот градоначалник.
Радождани во Радожда се населени пред стотици години кога УНЕСКО не ни постоело, јас не знам што запнале за две-три платформи, рече струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во гостување во „Утрински брифинг“.
Тој тврди дека секогаш се почитувале плановите, особено обврските кога е во прашање заштитата на светското културно и природно наследство, а исто така додава дека не е добро да се избрка и да се жртвува едно население.
– Да се исели, односно да се избрка, жртвува едно население, мислам дека се паушални напади и тоа не е добро ниту за нас како град, ниту за населеното место. Ги повикувам сите институции да не говорат паушално, туку да дојдат на лице место и да установат што е тоа што ја пореметува заштитата на природното и културното наследство. Ние не зборуваме за тоа дали сме против УНЕСКО. Град на УНЕСКО е Охрид, а целото крајбрежје на Охрид, од Свети Наум до Подмолје и целиот слив на сите села е во Охридското Езеро. Зошто не зборуваме за Љубаништа или за Свети Наум, таму има кафулиња и во самите извори, не само во езерото. Зошто не зборуваме за Трпејца, за Пештани или за Лагадин? Зошто не зборуваме за Охрид кога цел ред узурпира тротоари и зеленила? Јас не знам што се запнале за две-три платформи. Нека дојдат, ќе зборуваме, но никако паушално – вели Мерко.