МЕРКЕЛ ВО ПРОШТАЛНА ПОСЕТА КАЈ ПУТИН Ја пречека со цвеќе, како ќе ја испрати?
Имаме многу прашања за кои е потребна дискусија во четири очи, па сигурен сум дека ова нема да биде само проштална посета, туку и посета исполнета со сериозна, деловна содржина, рече Путин обраќајќи се до германската канцеларка.
Дијалогот со Русија мора да се одржува и покрај несогласувањата со Москва, изјави германската канцеларка Ангела Меркел денеска по пристигнувањето во руската престолнина.
– Германија останува еден од главните трговски и економски партнери на Русија во Европа и светот. Би сакал да истакнам дека Германија останува еден од нашите главни партнери, и во Европа и во светот воопшто. Особено, благодарение на вашите напори во последните 16 години како федерален канцелар. Германија е нашиот втор по големина трговски и економски партнер по Кина. И покрај фактот дека имавме многу сериозна рецесија во 2020 година, сега има речиси двојно зголемување на трговската размена во првите шест месеци – истакна рускиот претседател Владимир Путин пред почетокот на разговорите со германската канцеларка Ангела Меркел во Кремљ.
Шефот на Кремљ, исто така, ја истакна работата на руско-германските билатерални механизми, групи и форуми, вклучително и одржување на Годината на Германија во Русија, поврзана со економскиот развој.
Рускиот лидер е уверен дека посетата на Меркел на Русија ќе биде не само збогување како канцелар, туку и исполнета со сериозни, деловни содржини. Пред разговорите во Кремљ, рускиот лидер ѝ подари на Меркел букет цвеќе.
– Сега се одвива Годината на Германија во Русија, година на економски развој. Ние сме во постојан контакт по телефон. Имаме многу прашања за кои е потребна дискусија во четири очи, па сигурен сум дека ова нема да биде само проштална посета, поврзана со вашата одлука повеќе да не се кандидирате за федерален канцелар, туку и посета исполнета со сериозна, деловна содржина – рече Путин обраќајќи се до германската канцеларка.
Како што претходно објави прес-службата на Кремљ, лидерите на Русија и Германија планираат да разговараат за состојбата и перспективите за развој на билатералната соработка во различни области, како и за решавање на голем број актуелни меѓународни и регионални прашања.
Пред почетокот на разговорите со Путин, Меркел положи венец на Могилата на незнајниот војник, воен споменик посветен на паднатите советски војници за време на Втората светска војна (1941-1945), сместен крај ѕидините на Кремљ во Александровската градина во Москва.