Меркел: Фалат осум милијарди евра за развој на новата вакцина против ковид-19
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска повика на глобално заедништво во борбата со пандемијата на новиот коронавирус и заеднички напор да се пронајде вакцина против заразата.
– Секој во светот може да се зарази со овој вирус и затоа нашата мисија е да работиме заедно на глобално ниво – рече Ангела Меркел во нејзиниот редовен видео подкаст во сабота.
Меркел истакна дека Германија сака да работи интензивно со Светската здравствена организација и остатокот од светот на пронаоѓање вакцина против коронавирусот.
– Ние како земја претпоставуваме дека мултилатералната глобална акција може да ни помогне да ја надминеме оваа пандемија – рече Меркел.
Таа додаде дека пандемијата ширум светот предизвикува огромна штета на економскиот и социјалниот живот.
– Затоа морам да работам интензивно и со висок степен на концентрација за да се ублажи ширењето на вирусот и на крајот да го поразиме со развивање вакцина. И тоа е најважната задача – задача да спасат милиони човечки животи низ целиот свет – нагласи Меркел.
Таа напомена дека околу осум милијарди евра во моментов недостасуваат за развој на новата вакцина и најави дека Германија ќе биде силно вклучена во процесот на пронаоѓање на вакцината преку финансирање.