Меркел на консултации со експерти, се бара ограничување на движењето во радиус од 5 километри
Германската канцеларка Ангела Меркел, пред денешниот состанок со претставници на покраините, одржи средба со експерти, меѓу кои биле вирологот Кристијан Дростен и шефот на Институтот „Роберт Кох“ Лотар Вилер, со цел да се советува околу продолжување на рестриктивните мерки против ковид-19.
На состанокот експертите побарале натамошни мерки со цел намалување на бројот на новозаразени лица. Предложено е ограничување на радиусот на движење на граѓаните на само пет километри.
Вилер истакна дека актуелните бројки се на пониско ниво, но се уште не може да се каже дека е помината опасноста. Според него, изминатите денови имало помалку тестирани, и тоа за половина милион помалку од минатата недела. Тој смета дека околу 17 јануари бројот на новозаболените повторно ќе биде „валиден“.
Дростен предупреди на опасноста од новиот вид на коронавирус од Велика Британија, објаснувајќи дека мора да се сфати сериозно.
Додека во Германија постои единство околу потребата за продолжување на мерките за заклучување, две точки се сепак спорни.
Прво се училиштата, бидејќи некои сакаат продолжување на наставата од училишните клупи, а други сметаат дека треба да остане наставата од далечина со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Второто спорно прашање е вакцината, бидејќи Социјалдемократската партија остро го обвинува коалицискиот партнер ЦДУ/ЦСУ поради недостиг на потребниот број вакцини за спроведување на помасовна вакцинација.