Меркел ја одби поканата на Трамп, нема во живо да присуствува на самитот на Г7

Одбивањето на Меркел да присуствува на самитот ги поткопува обидите на Трамп овој настан да го претстави како показател за нормализација на ситуацијата во врска со пандемијата и е уште едно несогласување во затегнатите односи меѓу двајцата лидери, коментира порталот.

840

Германската канцеларка Ангела Меркел не ја прифати поканата на американскиот претседател Доналд Трамп во живо да присуствува на самитот на Г7 кој ќе се одржи во Вашингтон кон крајот на јуни поради пандемијата на коронавирусот, пренесува Политико.

Одбивањето на Меркел да присуствува на самитот ги поткопува обидите на Трамп овој настан да го претстави како показател за нормализација на ситуацијата во врска со пандемијата и е уште едно несогласување во затегнатите односи меѓу двајцата лидери, коментира порталот.






– Федералната канцеларка му се заблагодарува на претседателот Трамп на неговата покана за самитот на Г7 кон крајот на јуни во Вашингтон. Земајќи ја предвид севкупната ситуација во врска со пандемијата во овој момент, таа не може да се согласи да земе учество и да отпатува во Вашингтон –  изјави портпаролот на германската Влада Штефен Зајберт за Политико.

Тој додаде дека Меркел ќе продолжи да го следи развојот на пандемијата.

Трамп повеќе пати ја критикуваше Германија и посебно канцеларката, во врска со различни прашања, од трговскиот суфицит на Берлин до трошоците за одбрана и посветеноста на НАТО. Меркел јавно го доведе во прашање едностраниот пристап на администрацијата на Трамп во однос на повеќе прашања во врска со надворешната политика, од климатските промени до Иранската нуклеарна програма.

Трамп поради коронавирусот го откажа самитот кој требаше да се одржи во март и најави одржување видео-конференција. Сепак, во твит објавен на 20 мај рече дека самитот би можел да се одржи и дека тоа би бил одличен показател за нормализација на ситуацијата во врска со пандемијата

Поврзани содржини