Мерач на температура, пронаоѓач на контакти, „ковид-19“ негувател – кои нови професии ги создаде коронакризата?

Компаниите и образовните институции ќе треба да инсталираат плексиглас и штандови, за што ќе биде потребна нова работна сила.

557

Ако за време на последната економска криза имаше потреба од зголемување на работните места поврзани со наплата на долгови и банкарско советување, сегашната криза која е поврзана со здравствениот систем се претпоставува дека ќе отвори потреба од нови работни места како: мерач на температура, „ковид-19“ негувател, работник за производство на заштитни маски, лабораториски техничари „ковид-19“, како и „пронаоѓачи на контакти“, сметаат експертите.

Економистката Џулија Полак вели дека „секоја криза раѓа нови потреби, дури и професии“, па така и оваа.






Според неа, од предвидените мерки за заштита од заразување со коронавирусот произлегува и потребата за нови работници или за нови професии кои веќе се бараат на пазарот на трудот.

Така, потребата да се мери температурата на посетителите на места каде што кружат многу луѓе: аеродроми, училишта, компании, стадиони, ресторани создава ново работно место – мерач на температура. Задача на овие работници ќе биде да стојат на влезовите и да им мерат температура на луѓето.

Потреба се отвора и за таканаречени „пронаоѓачи на контакти“. Тие ќе имаат задача да повикуваат луѓе кои се потенцијално заразени со вирусот и да им дадат совети како да се однесуваат, односно да организираат тестирања. Оваа работа може да се изврши од дома и може да чини 25 долари на час и вклучува вработување со полно работно време или со скратено работно време.

Кога станува збор за лабораториски техничари, кои се специјализирани за вирусот ковид-19, тие ќе организираат земање брисеви во болници, старечки домови, фабрики и канцеларии. За нив ќе биде потребно да имаат диплома за завршено соодветно медицинско училиште. Во спротивно, вели Полак,  ќе бидат платени 45 долари на час.

Исто така, старателите, односно негувателите на заболени од ковид-19 ќе треба да се остручат за справување со ковид-19 доколку сакаат да ја работат работата. Нивната часовна стапка ќе биде 25 долари.

– И тоа не е крај. Постои потреба од службени лица кои ќе следат поплаки против граѓаните кои го нарушуваат пропишаното социјално растојание и други мерки, за што ќе бидат платени 30 долари на час – вели таа.

Според неа, просторот во кој работиме или остануваме исто така ќе се промени. Компаниите и образовните институции ќе треба да инсталираат плексиглас и штандови што ќе отвори потреба за луѓе кои ќе ги произведуваат и инсталираат. За тоа би добиле по 20 долари на час.

И покрај заштитата на просторот, ќе биде сѐ поважно да се заштитат луѓето. Потребата од секојдневно носење маски отвора простор за зголемено производство на маски во светот и нови вработувања.

Полак очекува компаниите наскоро да започнат да произведуваат маски за вработените, со своето лого. На работниците кои би ги правеле маските ќе им бидат исплатени околу 18 долари на час.

Пандемијата, вели таа, покажа дека префиксот „е“ станува дел и од стоматолозите и лекарите. Испитувањата ќе бидат спроведени преку Интернет, барем кога станува збор за консултации. А тоа ќе отвори и потреба од луѓе кои можат да ги олеснат видео конференциите кои ќе добиваат по 25 долари на час.

Поврзани содржини