МЕПСО за прекинот на струја: Не можевме да ги ангажираме системските резерви бидејќи хидроелектраните не работеа
Од МЕПСО соопштија дека во 12.07 часот е вклучен далекуводот ТС Скопје 4 – ТС Скопје 3 со што се подобриле напонските прилики во регионот и се нормализираа тековите на моќност.
Денешните прекини на напојувањето во Скопскиот регион се резултат на неможноста да се ангажираат системските резерви од АД ЕСМ, соопшти АД МЕПСО.
„Во 12 часот вкупното моментално производство на електрична енергија приклучено на преносната мрежа на АД МЕПСО изнесуваше околу 400 MW и тоа од термоцентралите ТЕ Битола 2 и ТЕ-ТО како и од ВЕЦ Богданци. Притоа во мрежата немаше ангажирано хидро производство, поради тоа што истото не беше предвидено од страна на АД ЕСМ во дневниот возен ред. Ова значи дека не беше ставена на располагање системската резерва, односно резервата за секундарна и терциерна регулација од хидроелектраните, кои се основна алатка за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем. АД МЕПСО немаше можност да изврши благовремено растоварување на електропреносната мрежа и напонска поддрша со ангажирање на хидроелектраните со кои нормално секоја година се обезбедуваат системските резерви неопходни за за обезбедување на сигурна и стабилна работа на електроенергетскиот систем“, појаснуваат од МЕПСО.
Поради тоа, како што соопштуваат од МЕПСО е предизвикан дефект на 110 киловолниот далекуводот и пад на напонот во повеќе трафостаници што предизвикало и прекин на струјата во скопско и тетовско.
Интервенирале екипи на МЕПСО и ЕВН Дистрибуција по што е отстранет дефектот.
„Во 12.07 часот е вклучен далекуводот ТС Скопје 4 – ТС Скопје 3 со што се подобри напонските прилики во регионот и се нормализираат тековите на моќност“, соопшти МЕПСО.