МЕПСО И РЕК БИТОЛА „ПОД ВИСОК НАПОН“ Испадот на далноводот не е причина за прекинот во напојувањето

Префрлањето на одговорноста за испадот во РЕК Битола врз АД МЕПСО во најмала рака е неоправдан и тенденциозен, но пред сè е обид за прикривање на интерните проблеми, реагираат од АД МЕПСО.

295

АД МЕПСО вечерва излезе со реакција по информацијата дека поради испад на далновод на МЕПСО без напојување со струја останал Блок 1 во РЕК Битола. Од МЕПСО информираат дека далекуводот кој го напојува Блок 1 во РЕК Битола е цело време под напон и нема никаков проблем со напојувањето.

„По последниот испад кој без напојување го остави Блок 1 во РЕК Битола, а за кој прстот на одговорност овој Комбинат веднаш и неосновано го впери кон АД МЕПСО, нашата компанијат одлучи да излезе со соопштение со прецизен и објективен приказ на настаната ситуација. Денеска, дождот и ветерот во Битола предизвикаа краток испад на 110 кв далекувод ТС Битола 2 – ТС Битола 4, но посочуваме дека овој испад не е причина за прекин во нормалното напојување на Блок 1 во РЕК Битола. Далноводот кој со електрична енергија го напојува овој блок, за цело време е под напон и на него нема никаков проблем со напојувањето“ – нагласуваат од АД МЕПСО.






Оттаму велат дека ваквиот чекор да се префрли одговорноста за испадот во РЕК Битола врз АД МЕПСО во најмала рака го сметаат како неоправдан и тенденциозен, но пред се како обид за прикривање на интерните проблеми.

Претходно, од АД ЕСМ беше испратена информација до медиумите дека комбинатот РЕК Битола работи само со еден блок -Блокот 3, откако поради испад на далновод на МЕПСО, без напојување со струја останал Блокот 1.

„Попладнево, околу 16:45 часот заради испад на далновод на МЕПСО, без напојување со струја остана Блок 1 на РЕК Битола, по што постојката испадна од мрежа. Комбинатот продолжува да работи со еден блок, Блок 3, до повторно ставање во функција на Блок 1“ – наведоа од ЕСМ.

Подоцна вечерва информираа дека „благодарени на натчовечките напори на вработените“ Блок 1 на РЕК Битола е ставен во функција

„Вечерва, во 22:02 часот Блок 1 на РЕК Битола е ставен во функција. Постројката е синхронизирана со македонскиот електроенергетски систем и испорачува електрична енергија. Благодарение на натчовечките напори на вработените во комбинатот, РЕК Битола експресно го оспособи Блок 1 и продолжува да работи со два блока. Покрај Блок 1, во погон е и Блок 3 на РЕК Битола, а Блок 2 е во ремонт.
За среќа, овојпат испадот на блокот од мрежа не предизвика поголеми оштетувања на опремата на комбинатот, што овозможи брза санација на последиците и брзо враќање во функција на постројката. Блок 1 испадна од мрежа попладнево околу 16:45 часот заради прекин во напојувањето со струја, што пак беше предизвикано од испад на далновод на МЕПСО.
Денешниот испад на блок на РЕК Битола заради проблеми во системот на МЕПСО беше втор во рок од десетина дена“ – стои во новото соопштение.
Поврзани содржини