МЕНТОРСТВОТО Е БЛАГОРОДЕН ЧИН Започнува со работа Фондот за школување деца без родители Ѓорѓи Марјановиќ
Во согласност со меморандумот, Фондацијата на децата без родители, сместени во згрижувачки семејства, мали групни домови и установите на министерството се обврзува да им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, ќе им помага во подготовка за вработување и ќе реализира 1-на-1 менторска програма.
Денеска е потпишан меморандум за соработка помеѓу министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јованка Тренчевска и директорот на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, г-динот Александар Марјановиќ.
Со потпишувањето на овој меморандум официјално започнува да функционира и фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ. Во согласност со меморандумот, Фондацијата на децата без родители, сместени во згрижувачки семејства, мали групни домови и установите на министерството се обврзува да им обезбедува компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, ќе им помага во подготовка за вработување и ќе реализира 1-на-1 менторска програма.
„Mенторската програма ќе ја изведуваат успешни македонски претприемачи и искусни професионалци од hi-tech индустријата кои ќе го споделат своето животно и професионално искуство со децата и ќе се обидат не само да ги инспирираат туку и да ги поттикнат на дејство, давајќи им при тоа клучни насоки за ориентација и ќе им пружат поддршка во нивната кариера“, велат од Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ.
На средбата по повод потпишувањето на меморандумот, министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јованка Тренчевска, изјави: „Партнерствата што ги формираме со цел да поттикнеме нови иницијативи и истите ги доведеме до реализација, особено кога се работи за иницијативи што го подобруваат квалитетот на живот на ранливите категории на граѓани, се наоѓаат во центарот на нашите напори“.
– Да се биде ментор на дете без родител(и) е речиси исто толку благороден чин како и посвојувањето. Пресреќен сум што министерката Тренчевска ја препозна и поддржа оваа наша иницијатива која има за цел на овие деца да им овозможи услови за личен и професионален развој – изјави Александар Марјановиќ по потпишувањето на меморандумот.
Ваквата иницијатива, како што соопштуваат од МТСП, била поттикната на претходни средби помеѓу Тренчевска и Марјановиќ на кои се разговарало за начините на кои може да се поддржат децата кои се сместени во згрижувачки семејства и штитениците на Министерството за труд и социјална политика.
Тренчевска на средбата истакнала дека за неа од особена важност се партнерите со кои се поттикнуваат нови иницијативи и тие се доведуваат до реализација, особено, како што рекла, кога работи за иницијативи кои го допираат квалитетот на живот на ранливите категории на граѓани.