МЕНТОРОТ НА КОМАНДИРОТ ДИМИТРИЈЕВСКИ НА ЧЕЛО НА УПРАВАТА ЗА ИЗВРШУВАЊЕ САНКЦИИ Како црева изврзани полицајциве од „Идризово“
Има ли логика со Управата за извршување санкции сега да шефува човекот кој пред само четири години го поставил Димитријевски за командир во 2018 година?
Јовица Стојановиќ, новиот вршител на должноста директор на Управата за извршување санкции, во 2018 година го поставил Срѓан Поп Димитријевски за командир во затворот „Идризово“. Во тоа време Стојановиќ бил директор на затворот.
Срѓан Поп Димитријевски е суспендиран и осомничен како одговорен за проценка на ризик при транспорт на затвореници, за инцидентот при пренесување на осуденикот Мемети, кој избега и притоа повреди полицајци.
Неодамна ВМРО-ДПМНЕ обелодени дека Димитријевски бил човек близок до СДСМ, а своевремено бил истеран од работа поради поткуп. Но, не минало долго време и тој пак бил вратен, сега на командирска позиција во затворот во „Идризово“. Опозициската партија тврди дека тоа се случило по интервенција на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Премиерот Димитар Ковачевски го разреши досегашниот директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, незадоволен од неговата работа. Но, на изненадување на познавачите на приликите, за в.д. директор е поставен токму Јовица Стојановиќ.
Има ли логика со Управата за извршување санкции сега да шефува човекот кој пред само четири години го поставил Димитријевски за командир?
Партијата Левица алармираше дека суспендираниот командир бил дел од параполицијата која учествувала на инцидентите за Илинденската прослава во Крушево лани. Партијата посочи на фотографија објавена од Енис Мурат, вработен во затворот „Шутка“, на која заедно со директорот Филип Андонов Сокол, е и суспендираниот командир Димитријевски. Објавена е и фотографија на која командирот седи на маса со претседателот Стево Пендаровски, веројатно како негов неформален бодигард.
Инцидентот на Илинден, кога овие лица неовластено им давале насоки на полицијата и практично со неа дејствувале заедно, спротивно на законот, никогаш не се расветли.
Останува нејасно дали премиерот Ковачевски и министерот за правда Никола Тупанчевски се запознаени со овие персонални релации меѓу „жестоките момци“ од затворската полиција.
Но, да се разреши директорот на Управата за извршување на санкции поради инцидентот во кој бил инволвиран командирот Димитријевски, а потоа за в.д. шеф на таа институција да се постави човек кој Димитревски го поставил за командир, најблаго речено е – мошне чудно.