МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ И ПАНДЕМИЈАТА Најпогорени тинејџерите
Овогодишниот слоган на кампањата што Светската здравствена организација ја организира по повод 10 Октомври – Светскиот ден на заштита на менталното здравје е „Грижа за менталното здравје за сите: Ајде да ја направиме реалност“.
Менталното здравје е предизвик во пандемиски и постпандемиски услови. Од почетокот на пандемијата помош бараа и луѓе кои никогаш порано не помислија дека ќе го направат тоа. Психолозите очекуваат дека по пандемијата со ковид-19, ќе се случи пандемија на ментални нарушувања. По повеќемесечното работење од дома, светот повторно почна да се враќа во нормала, но сега се случува спротивен ефект – луѓето се чувствуваат анксиозни и тешко го прифаќаат враќањето на работа. Оттука, разговорот со психолог не треба да се табуизира, бидејќи ни помага да ги разбереме, прифатиме и надминеме нашите ментални состојби.
– Сепак, постои причина за оптимизам. За време на Светското здравствено собрание во мај 2021 година, владите од целиот свет ја препознаа потребата од зголемување на квалитетните услуги за менталното здравје на сите нивоа – нагласува СЗО.
Психологот Живановиќ истакна дека треба да се напушти заблудата дека постои постојана благососостојба, и не треба да се плашиме да растеме од непријатните искуства.
– Да се судриме со идеалите кои се илузијата која никогаш нема да ја реализираме, туку да се вгнездиме повеќе во сопственото тело, во контактот со реалноста и во релацијата со другите – вели Живановиќ.
Таа додава дека психолозите и психотерапевтите, како професија што пружа психолошка помош и грижа, поминале и низ лични и низ професионални трансформации.
– На почетокот интензивно започнаа промени во префрлување на психолошката помош од лице в лице во онлајн просторот. Колку и да бевме загрижени, промените покажаа дека успешно се адаптиравте и на таа потреба. Дури и ефектите кои беа донесени се дека и клиентите се чувствуваа многу посигурни во рамки на своите домови да добијат психолошка поддршка и помош. Многу од компаниите, загрижени за здравјето на нивните вработени, организираа секакви активности за психолошка поддршка и советување. Психоедукацијата се префрли целосно онлајн и имавме навистина голем одзив затоа што луѓето не мораа да патуваат за да следат одредена содржина кои им е од интерес – истакна Живановиќ.
Во земјава, за жал сè уште е табу-тема да се побара психолошка помош, без разлика дали луѓето имаат потреба од тоа или не.
– Барањето на помош и порано беше табуизирано и последно на списокот, и сега е, иако полека се менуваат работите. Менталните заболувања сè уште се причина за силна стигматизација и најчесто се смета дека лицата не можат да се адаптираат во нормалните текови на животот, што навистина не е така. Покрај нив и семејствата повеќе ги кријат и информациите и луѓето отколку отворено да зборуваат и да ги поддржат и прифатат за да најдат начини како да си ја раководат сопствената болест. Од друга страна преваленцијата на менталните заболувања е сè поголема и поголема, со почеток многу порано од претходно. И токму поради тоа многу повеќе да се зборува и да се работи за да се демистифицира состојбата на ментална нефункционалност, нешто што сите го чувствуваме периодов – вели Живановиќ.
Младите лица, особено тинејџерите најтешко го поднесоа периодот на карантин, полициски час и практично изолацијата од социјалниот живот. Наместо дружби со врсниците, посетување на училиште тие беа принудени да седат пред екраните и да го живеат новото „нормално“.
-Тинејџерите и младите, па и нивните семејства ми се чини многу тешко се справија и се справуваат со новото „нормално“ ако така може да се нарече ова во кое моментално сме. Нивното движење и контакт беа силно ограничени, се појави преголеми стравови кај младите за себе и за своите блиски, се појавија доста панични и анксиозни епизоди, младите социјално почнаа да се изолираат, да губат контакт со реалноста и единствениот контакт им беше преку социјалните мрежи и платформите за дружење. Ова уште повеќе ги поттикна длабоко да навлезат во онлајн светот. Некои успеаја да го искористат, а другите да го злоупотребат онлајн животот – вели Живановиќ.
Претседателката на Комората на психолози посочи дека дел од младите луѓе се повлекоа зад екраните и тешко се соочија со враќањето во реалноста, па така многу родители побараа помош од психолози во врска со проблемите што нивните деца ги имале во однос на социјалното живеење.
Психолозите потврдија, а и многу научни истражувања го покажуваат тоа дека кај оние млади кои се повлекоа и изолираа од светот, забележани се психолошки тешкотии во функционирањето. Во зависност од карактерот на тинејџерите, забележани се чести појави на регресивни однесувања, тантруми и непознат излив на гнев, но и целосна незаинтересираност, безволност, досада. Сите овие појави им предизвикуваат тешкотии со извршување на училишните обврски, социјализацијата и нормалното секојдневно функционирање.
Од друга страна пак, по речиси две години тие повторно се вратија во училиштата меѓу соучениците, но под посебни протоколи. Психологот Живановиќ вели дека со дел од тинејџерите со кои е во контакт им одговара тоа што се вратени во училишните клупи. Но, дел од нив се навикнале на комфорот од дома и следење онлајн настава, со што родителите имаат тешкотии да ги натераат да излезат на улица и полесно им е да го заменат физичкиот контакт со виртуелен.
– Искрено мислам дека можноста за враќање во физичка настава, но и можноста за следење на некои од активностите онлајн, како и постоењето на можноста да изберат, им дава и ним повеќе слобода, посебно кога имаат соодветно водство од страна на родителите – додава таа.
Пандемијата на коронавирусот со себе донесе и економска криза, загуба на работните места и намалени приходи , додава таа.
– Пандемијата донесе огромни потреси во однос на загуба на комоцијата и егзистенцијата на многу семејства, ги ограничи децата и младите пред екраните, се ограничи комуникацијата со другите и со светот, повеќе бевме во загуби отколку во добивки, се наруши некаквиот баланс на животот, поделбите станаа уште поголеми, многу луѓе ја загубија работата, други најдоа работа која им одговара, многу загуби на блиски се случија. Многу загуби и на самите себе, она што сме го знаеле претходно за себе, а она што сега никако не можеме да го видиме – истакна Живановиќ.
Таа додава оти самодовербата на многумина беше срушена, а профитерството и манипулацијата, говорот на омраза си најдоа плодно тло за цветање. Негативизмот најде своја причина да стане реализам. И во сите овие потреси, кои никој не ги предвидел ниту пак се подготвувал за истите се случија најголемите и психички потреси.
– Луѓето со многу ограничени капацитети и поддршка се соочуваа со загубите кои им се случуваа. Многу од тие загуби не можеа ниту да се предвидат, беа изненадни, тешки, блиски, неповратни, без последното збогум, во силна оддалеченост од вистинскиот поздрав. Искрено, многумина сакаат да ја заборават 2020-та, и дури и во зборувањето, не знаат како да ја референцираат таа година. Нема некој кој не беше допрен или надвор од системот на случувања. Овие пандемски трауми, иако сè уште актуелни, ќе се паметат долго во животот на оние кои вистински ги осетија – додава таа.
Психологот Радмила Живановиќ, порача дека е крајно време да разбереме дека не можеме да ги контролираме условите во коишто живееме, но треба да ја преземеме контролата над себе и тоа што не исполнува, прави задоволни и функционални.