МЕНАЏЕРОТ ПРВО ТРЕБА ДА БИДЕ ЧОВЕК И на најдобриот лидер му треба војска што ќе го поддржи

Вие можете да бидете најдобриот лидер на овој свет, но доколку немате војска позади вас која што ќе стои позади вашите идеи, никогаш нема да освоите ниедна битка. Мојот став е дека треба фокусот да биде ставен, пред сѐ, на единицата човек и развивање на неговите вештини со цел зголемување на степенот на профитабилност, вели Ирена Јакимовска, сопственичка на текстилната фабрика „Комфи Ангел“ од Прилеп.

1,725

За да биде еден менаџер лидер, пред сѐ, треба да е човек, вели Ирена Јакимовска, сопственичка на текстилната фабрика „Комфи Ангел“ од Прилеп, која е предавач на модулот Клуб на менаџери, претприемништво и лидерство што ја организира Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања кој е еден од четирите совети неодамна формирани од Стопанската комора на Северна Македонија. Обуката започнува на 9 декември а ќе трае до крајот на мај 2022 година.

Во овој модул се планирани осум мотивациони говори на познати бизнис лидери од Македонија кои ќе говорат за нивното школување, пораките на нивните професори, првото вработување, мотивацијата, што правеле различно од другите, која беше нивната најтешка одлука, како го бирале својот тим, кое животно мото ги води, како се справуваат со стресни ситуации…






Водена од желбата за личен развој и унапредување на образованието, Ирена Јакимовска како тинејџерка заминала во Велика Британија каде останала 10 години. Работела во италијански ресторан во Лондон, а потоа се посветила на текстилниот сектор во областа на производство на облека и следење на модата. Водена од искуството стекнато во странство, се вратила во Македонија и во Прилеп го основала својот прв приватен бизнис, бутикот „Ангел“. Во 2003 година во партнерство со инвеститор од Велика Британија започнала лон производство во Македонија под името „Комфи Ангел“. По неколкугодишен раст и развој на бизнисот, започнала да развива сопствени брендови и производи следени со постојан технолошки раст.

Активен член е на Стопанската комора на Северна Македонија и е заменик-претседател на Советот за странски инвеститори (ФИЦ), како и претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп. Добитник е на златната плакета од Европското здружение на менаџери на југоисточна и средна Европа за најдобар менаџер на компанија.

Г-ѓа Јакимовска, Вие сте предавач на Програмата за клуб на менаџери, претприемништво и лидерство во рамки на обуката на Советот за унапредување на високото образование при Стопанската комора на Македонија. Какви искуства и сознанија ќе им пренесете на вашите слушатели?

– Ќе ги пренесам сопствените искуства кои што се надевам дека ќе поттикнат доволно интерес за интерактивност со учесниците. Вие и не можете во толку кратко време да се фокусирате на најбитните моменти од долгогодишното искуство во креирањето на лидерството, меѓутоа само преку интерактивност можете заедно со учесниците да дојдете и да ги потенцирате најбитните моменти.

Кои вештини и особини треба да ги стекне младиот менаџер за да може да биде лидер?

– Да e човек, затоа што во животот ние сите независно од нашата работна позиција што ја имаме, се наоѓаме во позиција на лидери во опкружувањето во кое што живееме и работиме и во нашето семејство. Значи, најбитна особина е да е човек, надоградена со искреност, чесност, храброст, иницијативност, одржливост, одговорност, прилагодливост и отвореност за промени и континуирано надоградување на сопственото знаење.

Како се развива бизнис идеја и кои се најважните чекори во нејзината реализација?

– Верување во неа и нејзиното реализирање за општи цели и корист. Доколку се водиме само од лични интереси и профити, идејата никогаш нема да донесе резултати какви што очекуваме и ќе стане сиромашна компанија доколку се бори да чист профит… и упорност секако.

Кој е најважниот совет што некогаш сте го добиле и до кој се придржувате и денес?

– Доколку немате одговор за одредено прашање денес, најдобро е да го преспиете. Со новото свежо утре ќе го добиете одговорот. Советот е од г-дин Симон Наумоски и до денес го применувам.

Што им е заедничко на успешните лидери? Каква личност треба да биде еден менаџер?

– Да има интегритет пред тие што треба да ги води, да биде role model.

Што е тоа што Вас лично Ве движи напред во сите предизвици што ги носи работата и што би им порачале на младите кои се на прагот да почнат свои бизниси?

– Верувањето во причината за постоењето на компанијата е на прво место и до ден-денес ми е основен двигател да ги надминам сите проблеми.

Кои беа Вашите идоли и што правевте поинаку од другите?

– Немав идоли, но го почитувам Ричард Бренсон и неговата компанија, пред сѐ, поради слободата која што е постулат во креирањето на неговата компанија, многу либерално и креативно. Што правев поинаку? Верував во себе, во вработените и верував дека има повисока причина за постоењето на таа компанија и секогаш знаев и во најтешките моменти дека патот по кој се движиме е вистинскиот пат и дека ќе останеме на истиот пат секогаш.

Која Ви била најтешката одлука во работата?

– Процесот на растење на компанијата го сфаќам како природен процес, како одгледување на дете, од раѓање до станување на човек, и ниедна одлука во растењето на компанијата не ја сметам за тешка.

Како го биравте и градевте вашиот тим?

– Интуитивно на почетокот, единствен начин е само да верувате некому. Првото интервју на првиот вработен во компанијата беше во мојата розова детска соба и тој вработен е сѐ уште тука и е менаџер на компанијата. Верувам во сопствената интуиција. Денес сме компанија со сектор Човекови ресурси кој што си има своја методологија за избор на вработените.

Колку е важен тимот за еден лидер?

– Вие можете да бидете најдобриот лидер на овој свет, но доколку немате војска позади вас која што ќе стои позади вашите идеи, никогаш нема да освоите ниедна битка. Мојот став е, кој се надевам како лидер и на другите ќе им го пренесам, дека треба фокусот да биде ставен, пред сѐ на единицата човек и развивање на неговите вештини со цел зголемување на степенот на профитабилност. И секако со оглед на тоа што средниот менаџмент е столбот на една компанија и е истовремено најтешко да се формира, програми од овој тип несебично и понатаму ќе бидат поддржувани од страна на „Комфи-Ангел“, со надеж дека ќе проникнат кај идните генерации желба за лидерство.

Поврзани содржини