И покрај тоа што Македонска пошта трупа милионски загуби, раководниот тим се наградува со високи износи на менаџерско осигурување од кое добива годишни бонуси. Земани се аванси на картички и аконтации за патувања кои не се вратени во касата на Пошти, а менаџерите одобруваат високи поштенски попусти кои ја олесниле касата за 1,4 милиони евра. Овие констатации ги дава државниот ревизор Извештајот за 2018 година.
Само во 2018 година загубата на Поштата изнесувала 2,7 милиони евра, но цифрата достигнува 10 милиони евра за периодот од 2012 до 2018 година.
„Но, и покрај тоа, надзорниот одбор одобрил склучување договори и полиси за осигурување за периодот од 1.4.2018 до 1.4.2019 година. Од страна на осигурителната компанија по овој основ е доставена фактура од 2,7 милиони денари (45.000 евра), која е платена“, пишува во извештајот.
Според склучените менаџерски договори во услови кога има отстапки од договореното, платениот износ на премијата на осигурување, односно 89,5 отсто се исплатува на сметка на осигурениците, наместо на сметка на поштата која извршила плаќање на премијата на осигурување.
Што значи дека во периодот на осигурување ако не настапи смрти, или траен инвалидитет, дел од премијата (во овој случај 89,5 отсто) се префрла како бонус на сметката на осигуреното лице. Или во конкретниот случај по 5.700 евра за секој од директорите во Пошта.
Ревизорите утврдиле дека касата на Пошти дополнително е оштетена поради невратени аванси за виза картички и аконтации за службени патувања и останати побарувања за дневниви. На овој начин е направен кусок во касата на Пошта од 16.000 евра.
„Со анализа на старосната структура на побарувањата утврдивме дека 10 отсто од нераздолежените аванси потекнуваат од 2018 година, 65 отсто се побарувања од 2017 година, 4 отсто од 2015, 17,5 отсто од 2014 и 3,5 отсто од 2013 година“, се вели во Извештајот.
Ревизорот, исто така ,констатирал дека за намалување на приходите на Пошта влијаеле и големите попусти за поштенските услуги одобрени за некои компании.
„Како резултат на посебна цена за резервирани поштенски услуги од 9 денари, односно попуст од 50 отсто, само во 2018 година бил остварен помал приход од 86.054.000 денари (близу 1,4 милиони евра) доколку се применела редовната цена, се вели во извештајот.
Интересно е тоа што ревизијата не се уверила дека приходите од поштенските услуги се целосно прикажани во финансиските извештаи и дека биле правилно вреднувани.
Ревизорите утврдиле дека во 2018 година АД Пошта не пресметала и ДДВ при продажба на деловен простор, во нејзина сопственост.
„Во врска со проджбата е издадена фактура на износ од 8,36 милиони денари. Согласно записникот од Комисијата, а подоцна и склучениот договор, купувачот ја има платено само основната цена од 7,084 денари, но не и ДДВ-то од 1,28 милиони денари (над 20 илјади евра), кои до денот на ревизијата не е платен, а за што Пошта повела судски спор“, се вели во извештајот.
Ревизорот, исто така , констатирал дека во Пошта се вработувале лица со пониска стручна подготовка за повисоки позиции.
Како одговорни за овие наоди се сметаат Фадис Реџепи, кој бил генерален директор и претседател на УО од 2014 до крајот на август 2018, и Ејуп Рустеми, кој на местото прв човек на Поштата дојде од први септември 2018 година, а таа функција ја извршува и сега.