Мелодрама за бришење на писатели
Едно од главните дополнувања, што би требало да биде усвоено токму на годишното собрание, би се однесувало на начинот на присуство и гласањето, така што статутарно би било регулирано дека како начин на гласање би било овозможено да биде со физичко присуство во просториите на ДПМ, или, пак, со вклучување преку дигитални алатки онлајн. Тоа би требало да важи за сите членови, но посебно за членовите од дијаспората, кои ја имаат таа „несреќа“ да живеат во други земји.
Меѓу зачестените повици во последно време за „прочистување“ на списокот на членовите на Друштвото на писателите на Македонија, ДПМ, од кој по кратка постапка би се избришале и исфрлиле не само починати членови, оние што доброволно истапиле од членоството, или, пак, оние што биле примени, но некому, ете, не му се симпатични и немаат доволна „тежина“ за да фигурираат како членови, се посегнува и кон уште еден вид чистачки активности.
Станува збор за членови кои живеат во други земји, би се рекло писатели во дијаспората, бидејќи прават проблем со тоа што мнозинството од нив не се во можност физички да присуствуваат на годишните собранија на ДПМ. Но, како што некои предлагаат и посакуваат, со „привремено бришење“ на оваа „категорија“ членови од списокот на ДПМ, на кој во моментов се 286 имиња, би се создале претпоставки за успешно обезбедување на ад-хок кворум, за да може да се одржи собрание.
Мора да се признае дека се во прашање навистина интересни приши-бриши актовности, зад кои стојат писатели и никој друг, значи оние од кои можеби најмногу се очекува да застанат во одбрана на индивидуланите права и слободи, на демократските принципи и на заложбите за инклузивност и против дискриминација на која било основа.
Според некои медиумски извештаи, деновиве на пропаднатото вонредно изборно собрание на ДПМ се случил пуч!? Без оглед како ќе се окарактеризира епилогот на едно долго тегавење, проследено со носење писма на потпишување заради растерување магла и барање правдини по сопствен рецепт, реалноста на терен повторно ја потврдува старата вистина, на која се укажуваше во последниот период. Преку групирањата, според принципот на здружувење на оние што се „подобри“ од оние што се „помалку добри“, најчесто само уште подлабоко се набива клинот во машинеријата која мошне одамна зарибала.
Во тој контекст неминовно е да се прокоментираат забелешките што се упатуваат на адреса на „луѓето кои не живеат овде“ и затоа се доживуваат како дополнителен баласт. А според тие забелешки, на членовите на ДПМ кои живеат надвор од Македонија свесно им било оневозможено да учествуваат и гласаат на вонредното годишно изборно собрание. Претходно, во подготовките за вонредното собрание, беше понудено образложение дека актуелните статутарни одредби бараат физичко присуство, додека вклучувањето со онлајн учество, како што знаеме, е пронајдок од помодерно време.
Но, ако го оставиме малку настрана Статутот на ДПМ, од какви побуди виновниците за тоа „оневозможување“ толку лесно се детектираат меѓу сегашното раководство на ДПМ во оставка? Каква била праксата во изминатите десет, дваесет или триест години? Па зарем некој би може да излезе со тврдење дека кое било претходно раководство на ДПМ „горело“ од желба да им овозможи на колегите во странство, односно членовите во други земји, да добијат можност да го кажат своето мислење и да се вклучат во работата и активностите на ДПМ? Токму напротив, со децении наназад се форсира вештачка поделба на писатели членови од „домашната“ фела и оние од „дијаспората“, при што овие вториве, со по некој исклучок, главно треба да се задоволат со трошки што домашните фаворити ги измеле во некој ќош, откако го собрале кајмакот и ја збришале целата софра.
Тоа што некој живее во дијаспората по никаков основ ниту го зголемува, ниту, пак, го намалува квалитетот на неговите литературни дела. Повикување на нечија припадност кон дијаспората е, всушност, типичен вонлитерарен критериум, кој, сепак, има добра употребна вредност при уште подлабокото забивање на гореспоменатиот клин.
Се чини дека нема подобро решение во овој момент, доколку навистина се сака успешно одржување на годишно собрание на ДПМ, со рамноправно учество на членовите, освен да се пристапи, по направени консултации со правни експерти, кон поднесување на измени и дополнувања на Статутот на ДПМ во законски утврдените рокови.
Едно од главните дополнувања, што би требало да биде усвоено токму на годишното собрание, би се однесувало на начинот на присуство и гласањето, така што статутарно би било регулирано дека како начин на гласање би било овозможено да биде со физичко присуство во просториите на ДПМ, или, пак, со вклучување преку дигитални алатки онлајн. Тоа би требало да важи за сите членови, но посебно за членовите од дијаспората, кои ја имаат таа „несреќа“ да живеат во други земји.
За да биде можно функционирање на таков вид присуство и гласање на собранието, ќе биде неопходно да се набави соодветна техничка опрема. Доколку во функционирањето на ДПМ препознаваме и одреден државен интерес, тогаш околу таа опрема веројатно без поголоми потешкоти би можеле да помогнат државните институции, на пример Министерството за култура. Или, пак, да речеме како еднократна донација од министерството на Артан Груби, каде што таков вид опрема е начичкана во изобилие. Со тоа нашите министри би можеле да ја потврдат и својата голема загриженост за унапредување на контактите и соработката со дијаспората, односно да покажат пред јавноста дека нивните ламентирања за судбината на иселените не се само празни зборови.
Во секој случај, мелодрамата за бришење на писатели не е завршена, бидејќи главните нејзини актери веројатно не се задоволни од тоа како се одвива нејзиниот актуелен чин. Бумерангот, сепак, е одамна фрлен, но оние што стојат на крстопатот и го чекаат за да го грабнат, се чини дека тешко може да ја видат насоката по која тој се враќа назад. И удира со жестока сила.