Принцот Хари (37) и Меган Маркл (40) ја започнаа својата тридневна посета на Њујорк и на Светскиот трговски центар, што воедно е нивно прво официјално појавување во јавноста откако го напуштија кралското семејство и се преселија во Калифорнија во 2020 година.
Двојката за првпат се одвои од синот Арчи и ќерката Лилибет Дијана и ги остави во Лос Анџелес, а во Њујорк пристигнаа во колона од десетина автомобили и со дваесетина телохранители, пренесува „Дејли мејл“.
Вечерта воочи посетата на меморијалниот центар, двојката уживала во релаксирано излегување, за време на кое секој нивен потег бил снимен од војска папараци. Тие престојуваат во луксузниот хотел „Карлајл“, каде што цената за ноќевање е 1.300 долари.
Заедно со своето огромно обезбедување, тие се спуштиле во отмениот бар „Бемелманс“, каде што се дружеле со нафтениот магнат Мајки Хајс и неговата сопруга Миша Нуноу, кои, наводно, своевремено ја споиле оваа славна двојка.
Војводата и војвотката од Сасекс уживале со пријателите пиејќи мартини и по три часа го напуштиле барот преку задната врата и со обезбедувањето влегле во нивниот „Кадилак ескалад“.