МЕДВЕДЕВ СО ШОКАНТНА ИЗЈАВА Можно е и грабнување на германскиот канцелар Мерц
Поранешниот руски претседател смета дека американската операција во Венецуела може да стане модел и за други глобални сценарија.
Поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев изјави дека може да замисли операции за грабнување и на други светски лидери, слични на американската акција во Венецуела, меѓу кои и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
– Киднапирањето на неонацистот Мерц би можело да биде одличен пресврт во овој карневал на настани – изјави Медведев, кој сега е заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, цитиран од државната новинска агенција ТАСС во неделата.
Таквото сценарио, според него, не е нереално.
– Постојат дури и основи за негово кривично гонење во Германија, така што тоа не би претставувало некаква загуба, особено затоа што граѓаните непотребно страдаат – вели Медведев.
Тој ги оцени постапките на американскиот претседател Доналд Трамп во Венецуела како нелегални, но конзистентни, бидејќи, како што рече, ги бранат интересите на САД.
– Мора да се признае дека, и покрај очигледната нелегалност на однесувањето на Трамп, никој не може да негира дека дефинитивно постои конзистентност во тие постапки. Тој и неговиот тим ги бранат националните интереси на својата земја доста решително – изјави Медведев.
САД, како што наведува тој, ја гледаат Латинска Америка како „свој двор“, а Трамп очигледно сака контрола врз нафтените резерви на Венецуела.
– Главниот мотив на Чичко Сем отсекогаш бил едноставен, ресурсите на другите луѓе. Трамп не го крие тоа. Што можеме да кажеме – ова е lex fortissimum (законот на најсилниот) – забележа Медведев.