МЕДИУМСКИ ЛИНЧ ПОД ПРЕВЕЗОТ НА НОВИНАРСТВОТО „Фероинвест“ и „Брако“ се жалат дека ИРЛ им прави притисок на судиите кои судат за амбулантите
Лице од ИРЛ влезе во судот на последното рочиште и бараше да го снима судењето, да изнесува детали во јавноста за предметот, вршеше притисок врз судечкиот совет и се однесуваше на веќе виден начин, соопшти Фероинвест.
Ја информираме јавноста дека групата ИРЛ продолжува со своето деструктивно однесување со цел да нанесе штета на компаниите ФЕРОИНВЕСТ и БРАКО. Најновиот ангажман на припадниците на ИРЛ е да вршат медиумски притисок врз судот во случајот во кој нашата компанија го тужи Министерството за здравство и бара државата да ги плати трите изградени амбуланти во Скопје, во единствениот судски спор кои компаниите од нашата групација го имаат, се вели во соопштението што го испрати Фероинвест.
„Лице од ИРЛ влезе во судот на последното рочиште и бараше да го снима судењето, да изнесува детали во јавноста за предметот, вршеше притисок врз судечкиот совет и се однесуваше на веќе виден начин. Цениме дека целта на ваквите активности е истите да бидат јавна закана за судиите, за тие да не досудат според правдата со цел да избегнат да станат жртви на сајбер булинг и медиумски линч на ИРЛ, кој оваа група го спроведува под превезот на новинарството. Уште повеќе, вработените во ИРЛ му нудат на Министерството надриправни совети извадени од нивниот лажен филм, како што во изминатиот период ги посетувале и обвинителствата за да ги убедуваат обвинителите дека треба да отворат предмети против БРАКО, а што самите го изнесоа во лажниот филм“, наведено е во соопштението.
За жал, посочено е таму, функционерите кои потпаднаа под заканите од медиумски напади и политички дискредитации вршени од ИРЛ на социјалните мрежи, со своите постапки нанесуваат штета на нас како компанија, но и на државата, сметана во камати, со што ја оштетија државата која самите треба да ја заштитуваат.
„Потсетуваме дека 19-те модуларни болници, државата веќе ги плати, додека овие 3 амбуланти во Скопје кои се нарачани од државата, изградени, примопредадени и пациентите ги користат, не се платани, иако Владата донесе одлука со која го задолжи Министерството да ги плати. Пресудата за случајот ќе биде донесена во текот на следната недела, за што ќе ја известиме јавноста“, се вели во соопштението на Фероинвест.