Медицинарите дадоа се од себе, време е да им возвратиме!

1,249

Македонија, сразмерно бројот на своите жители, претрпе несразмерни последици од пандемијата со ковид – 19, пред сè, со бројот на починатите.

Зошто е тоа така, ќе анализираме со ладни глави, кога ќе дојде времето за тоа, а, сега, време е да си ги затегнеме ремените и мислите, да го испратиме ова зло, на кое, за наша голема среќа, му се назира крајот.






Кога ќе оценуваме, треба добро да размислиме, кој затаи, кој сакаше да ушиќари на колективната несреќа – политички и финансиски, а кој се жртвуваше несебично?

Во првата група се, пред сè, медицинските и другите власти, а во втората – медицинскиот персонал, особено оној од вториот и третиот ешалон.

Изминативе година дена, ако веќе сакаме да ги градираме нештата, треба да ја прогласиме за ГОДИНА НА МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ.

Секако и на целокупниот медицински персонал. За жал, бележевме примери, како, среде пандемија, медицински лица (секако немедицинските сестри, туку нивни надредени!), патуваа на Малдивите, го начекаа моментот да си ги ладат ноџињата во време на светска злодоба, затоа што „сега му беше мајката!“, сега цените на аранжманите се најповолни.

Багатела!

Како и да е, најголемото мнозинство од медицинските лица, беше на висината на задачата, влезе со отворен гард во битката против опакиот невидлив непријател, без да размислуваат за себе, за своите блиски. Немал број, ги положија и своите животи на олтарот на самосвеста и пожртвуваноста. Една медицинска сестра (слава и) од Охрид.

Тие дадоа се од себе, време е, сега, ние да им возвратиме!

Постојат илјада начини за тоа. Ќе посведочам два, од Охрид:

„Медицинските лица се нашите вистински херои, коишто несебично се посветуваат на здравјето на сите нас! Како благодарност кон нив, ова лето, на сите медицински лица, им излегуваме во пресрет, нудејќи им за 20 отсто попуст на нашите услуги (хотелски и ресторански). Дојдете на заслужен одмор“!

Вака, се огласија од хотелот ТИНО ([email protected]) сместен во боровата шума во туристичката населба „Свети Стефан“ во Охрид, под црквата – манастирот Св. Стефан.

Со целиот професионален интегритет и годините што стојат зад мене, сакам да ве уверам, дека, зад оваа понуда не стои маркетиншки трик. Стојат чесни намери, не за првпат искажани. Стои општествена одговорност. Ако ми е дозволено, би предложил, истите права, менаџментот на хотелот да ги примени, да ги даде, и за нивниот поскромен по капацитет, на раскошен по условите и местоположбата, во туристичката населба Трпејца – македонското Сен Тропе.

За впечатокот да биде комплетен.

На менаџментот му се извинувам за узурпираното право да им се мешам (во внатрешните работи!), а на читателите, им се извинувам за нескромноста (се надевам дека нема да бидам обвинет за горделивост: тоа и сам Исус Христос го санкционирал во проповедите), со тоа што вториот охридски пример е помалку од лична природа.

Во својство на претседател на Здружението за култура и литература МАЦКОВО од Охрид, пред извесен период, а на желба и иницијатива на сопругата и менаџер, Македонката Менка и канадски ликовен уметник, сценарист и актер (меѓу другите играл и со Мидалтон) Мајкл Клос, бев почестен да организирам чин – предавање на дваесетина уметнички дела од авторот, на, исто толку, медицински сестри од инфективниот оддел при Општата болница во Охрид.

Едно платно беше за директорот д-р Горан Балески (тој веднаш го преподари на едно од одделенијата во болницата), а едно, за да не го заборавиме, за уште еден охриѓанец по потекло – министерот за здравство, Венко Филипче.

By the Way: Филипчета, очекував да го изберат за втор човек во владејачката партија СДСМ, на местото од Рада. Но, ете, го избраа во третиот, по партиска хиерархија, ешалон.

Уште пред да го изберат, од своето скромно политичко искуство, после мојот наполно непотребен петгодишен излет во политиката (по кој следеа уште толку и малку повеќе, на Бирото за вработување!), на Филипчета беше сум му напишал (а тој не мора да ме слуша), да ја батали таа работа.

Како што јас се изгорев, и тој ќе се попари. После ќе дува, исто како мене, на маштеницата! Ниту јас бев првиот, ниту тој ќе биде само вториот, па, ниту последниот – во таа направија.

Без разлика кои му се мотивите, какви му се, или какви им се намерите – заедно со Заев.

Драг Венко кај Црногорцине, имав еден постар пријател, кој ме учеше: бегај од мотика и политика! Држи се за твојата „Олимпија“ (машина за пишување) и не бери гајле.

Зошто, бе, Венко, даваш можност и прилика, утре, некој „да ти удри скалпел!“, кога веќе скалпелот го имаш во свои раце и со него бараташ феноминално!!!

 

Поврзани содржини