МЕДЕНИОТ МЕСЕЦ ЗА ДРЖАВНИТЕ ОРГАНИ ЗАВРШИ, ЌЕ ВОВЕДЕМЕ УСТАВНА ДИЦИПЛИНА Костадиновски најави „многу поинакви“ одлуки на Уставниот суд
Во изминатиот период точно е дека се нервозни државните органи, имаше интерпелација за мене, имаше изјави „кој е тој Уставниот суд да ни дава рокови и задачи“. Но, верувајте кога ќе кажам внесуваме новини, ние се подготвуваме, вели претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски денеска апелираше до Судскиот совет да постапи во најбрзо можно време да предложи кандидат за уставен судија и до Собранието да постапи итно и да предложи и да избере уставен судија. Апелираше и до политичарите да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура, да се воздржат од лесно посегнување по етикети и поделби, да покажат реална, а не декларативна посветеност кон владеењето на правото.
Костадиновски, одговарајќи на новинарски прашања на годишната прес-конференција дека без комплетниот состав имаат проблем во функционирањето и дека од мај имаат десетина предмети за кои немаат одлуки.
– На вчерашната седница имавме не еден, туку 3 предмети во кои немавме мнозинство. Неблагодарно е да ги квалификувам како важни или помалку важни. Сите наши одлуки се важни – изјави Костадиновски.
Во врска со предметот со линеарното покачување на пензиите, Костадиновски нагласи дека на последната седница се поделиле гласовите и во такви околности ќе чекаат нов судија.
– Поведената постапка не значи одлука. Се поведува постапка со решение кога изразуваме сомнеж и влегуваме во втора фаза, кога се испитува уставноста и законитоста. Таа втора фаза, не секогаш завршува со одлука. Одлуките се укинувачка, поништувачка, но можеме и да ја запреме постапката, ако дел од судиите во своите правни резонирања виделе дека пропуштиле некој важен, суштински елемент. Значи два пати се гласа – изјави Костадиновски.
Прашан зошто Уставниот суд не постапил порано со сопствена иницијатива во случајот со пензиите, Костадиновски рече дека последните законски измени биле оспорени со повеќе иницијативи и се постапувало по предметите.
– Често се спомнува ова побрзо или поспоро постапување. Како суд ние имаме механизми со типот на нашата одлука да ги исправиме последиците, доколку настануваат по кој било закон. Затоа некогаш прашањето не е суштинско дали можело два три месеци порано или подоцна да се одлучи – изјави Костадиновски.
Во однос на измените на Кривичниот законик и Изборниот законик и впечатокот дека Парламентот и Владата не го почитуваат доволно тоа што Уставниот суд го дава како рок, Костадиновски вели дека Уставниот суд има и „механизми и типови на одлуки со кои сме цврсто решени да воведеме уставна дисциплина“.
– Во изминатиот период точно е дека нервозни се државните органи, имаше интерпелација за мене, имаше изјави „кој е тој Уставниот суд да ни дава рокови и задачи“. Но, верувајте кога ќе кажам внесуваме новини, ние се подготвуваме, видиме ли, зошто веќе видовме недисциплиниран уставен орган. Парламентот и за Законот за електронски комуникации два месеци доцнеше, сега за измените за КЗ десет месеци не го почитуваат нашиот рок, за Изборниот законик не ја потполнија правната празнина што се создаде… Медениот месец за кој било државен орган завршува. Ние имаме и механизми и типови на одлуки со кои сме цврсто решени да воведеме уставна дисциплина. Можете да очекувате наредната година многу поинакви одлуки од Уставниот суд – изјави Костадиновски.
Уставниот суд, нагласи Костадиновски, без разлика што е надвор од начелото за поделба на власта, го контролира и не смее да дозволи надмоќ на едната, врз другата.