МЕЦИНОВИЌ ОЧЕКУВА ДА ВЛЕЗЕ ВО ВТОР КРУГ ЗА СКОПЈЕ Градот не треба да зависи од волјата на централната власт, порача кандидатот на Левица

Мециновиќ рече дека кандидатите ветувале крајно банални работи кои градската власт треба да ги спроведува тековно како што се поправањето улици и чистењето на смет. 

705

Нашата поента за оваа кампања беше да се даде повторно надеж, затоа што мислам дека сите ние во Скопје можеме да се сложиме дека работиве не ги бива, истакна кандидатот за градоначалник за Скопје, Амар Мециновиќ од Левица, на последната прес конференција од првиот круг за локалните избори 2025 година.

Тој денеска пешачеше од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. Ги повика граѓаните да му се придружат на рутата што беше објавена на неговите профили на Фејсбук и на Инстаграм.






Со оглед на позитивната кампања која ја водела Левица тој очекува позитивни резултати.

– Очекуваме дека има реални шанси да влеземе во вториот круг и да се натпреваруваме за Скопје. А јас повторно ќе нагласам дека мојата мотивација за влез во оваа трка беше затоа што токму во овој Совет кој беше крајно дисфункционален и деструктивен по своите граѓани, а бев негов член пред да станам пратеник и од побудата за подобрување на условите во Скопје, знаејќи како се однесувал досега Советот и градските власти, сметаме дека навистина нешто може да тргне во позитивна насока – рече Мециновиќ.

За него најбитен приоритет би бил јавниот превоз. Клучно прашање е зачувување на животната средина, борбата со загадувањето на воздухот.

Мециновиќ рече дека кандидатите ветувале крајно банални работи кои градската власт треба да ги спроведува тековно како што се поправањето улици и чистењето на смет.

– Единствениот одговор е окрупнување и зајакнување на нашите претпријатија. Кога ќе ги зајакнеме претпријатијата, тогаш ќе имаме и квалитетни услуги. Градоначалниците не излегуваат на терен со лопати, со метли. Работниците се тие кои ги чистат нашите улици. Работниците се тие кои ги поправаат нашите улици, така што треба да се зајакнат капацитетите на Градот Скопје и да се создадат подобри услови за работа, кои ќе можат да одговарат на потребите на граѓаните на Скопје – објасни Мециновиќ.

Тој нагласи дека нема да дозволат приватизација на ниеден капацитет на град Скопје, на ниедна педа на Скопје.

– Сведоци сме дека во изминатите неколку децении дел по дел, кришка по кришка, градските капацитети се намалуваат и град Скопје сè повеќе и повеќе е зависен од волјата на централната власт. Едно од прашањата што му беа упатени беше: Што ако победиш и централната власт не соработува со тебе? И тоа е едно прашање кое само треба да ни биде аларм во каква ситуација сме дојдени, дали тоа значи дека треба да ги предадеме клучевите од градот на премиерот? Шест илјади луѓе сме, можеме да ги решиме проблемите. Можеби, не јас сам, можеби, не ние тука што сме собрани, ама во град Скопје има неверојатен човечки потенцијал. Доколку придонесе, сметаме дека градот може повторно да блесне во сиот негов раскош – истакна Мециновиќ и ги повика скопјани масовно да излезат на гласање в недела.

 

Поврзани содржини