MEЧКИ ГИ „ОКУПИРАА“ МАВРОВО И РОСТУШЕ Општината бара да се воведе кризна состојба
Мечките во Македонија се заштитен вид. Забрана за лов постои од 1996 година, кога е евидентирано нагло опаѓање на бројот на примероци од ова животно.
160 до 180 кафеави мечки, наместо 70, колку што би требало да ги има, прават зулуми на територијата на општината Маврово и Ростуше. Податокот потекнува од Националниот парк Маврово.
Вчера, на вонредна седница, Советот на општина Маврово и Ростуше ја задолжил Општината да поднесе барање до Владата за прогласување кризна состојба поради големиот број мечки, кои претставуваат опасност за животот и за имотот на жителите.
– Општина Маврово и Ростуше ги презеде сите активности и мерки што се во нејзина надлежност, со цел да ги заштити своите граѓани. Ги повикуваме Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, НП Маврово, ЦУК и сите други институции што се надлежни за решавање на овој голем проблем со мечките и со дивите свињи, да се стават во функција за што поскоро решавање, со што ќе ја вратиме безбедноста на нашите граѓани – наведуваат од Општината.