📽️ „МЕЧКА“ ГО ПРОГОЛТА ТРОТОАРОТ Герасимовски молчи додека ресторанот се проширува, обвини Мемов

Градоначалникот на Центар гледа, но не реагира, Дебар Маало станува жртва на урбано дивеење, реагира портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

504

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија денеска одржа прес-конференција пред ресторанот „Мечка“ во Дебар Маало, обвинувајќи ја општината Центар и градоначалникот Горан Герасимовски за нов урбанистички скандал и толерирање на дивоградба во срцето на Скопје.

Портпаролот Никола Мемов истакна дека објектот се проширил буквално преку ноќ, зафаќајќи јавен простор, тротоар и дел од коловозот, со што е узурпиран дел што припаѓа на граѓаните.






– Пред само неколку недели ресторанот „Мечка“ никна со нов дел на јавен простор. Узурпиран е дел наменет за пешаци, за граѓаните, простор кој треба да биде достапен за сите, а сега е дел од приватен бизнис – изјави Мемов.

Мемов праша дали градоначалникот Герасимовски и инспекторатот на Општина Центар воопшто постапиле на терен и дали за оваа градба постои било какво одобрение или документ.

– Кој дозволи во срцето на Дебар Маало, на само 200 метри од кабинетот на градоначалникот, да никне нелегален објект? Дали ова е Општина Центар или Див Запад, каде секој си гради што сака и каде сака? – додаде тој.

Портпаролот Мемов оцени дека градоначалникот Герасимовски молчи и не презема ништо, иако узурпацијата се случува буквално пред неговиот дом и канцеларија.

– Ова е буквално во вашето маало, градоначалниче. Ако тука не реагирате, како граѓаните да веруваат дека ќе реагирате воопшто? Ова е срамота и слика на една неспособна и незаинтересирана општинска власт – рече Мемов.

Тој додаде дека граѓаните на Дебар Маало секојдневно гледаат како јавните површини се претвораат во приватни, а зеленилото исчезнува пред нивните очи.

На крајот, Мемов порача дека ова не е изолиран случај, туку симбол на четиригодишното владеење на СДСМ во Центар, кое, како што рече, резултирало со урбан хаос и селективна правда.

– Ова мора да престане. На 19 октомври граѓаните ќе одлучат и ќе изберат човек кој ќе работи за јавниот интерес, ќе го штити зеленилото и ќе ја врати човечката димензија на Центар. Граѓаните знаат, Центар знае – заврши Мемов.

Поврзани содржини