20% ОД ЛЕКАРИТЕ ИМААТ НАД 61 ГОДИНА 80% од лекарите биле жртви на вербално или физичко насилство, вели Калина Гривчева Старделова

Бројот на лекари кои се селат во странство е во пораст, но сметам дека кај нас поголем проблем е концентрацијата на лекарскиот кадар во главниот град, за сметка на што имаме недостиг на одредени специјалности во другите градови. За надминување на овој предизвик е потребно да се креираат мерки и политики со кои младите доктори ќе бидат насочени и стимулирани да работат во болниците и во здравствените установи надвор од Скопје, вели д-р Гривчева Старделова.

2,190

Кои се ингеренциите на Лекарската комора, како да ја подобриме врската лекар-пациенти, како да го спречиме заминувањето на медицинскиот кадар од земјава? За овие и за други прашања зборува проф. д-р Калина Гривчева Старделова, интернист, гастроентерохепатолог, директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија и претседателка на Лекарската комора, во интервју за Плусинфо.

Ве молам појаснете во што се состои работата на Лекарската комора и кои се нејзините ингеренции, бидејќи честопати Комората се повикува на одговорност за одредени случаи.






– Лекарската комора е самостојна и професионална организација во која членуваат сите доктори на медицина на нашата земја. Таа делува во насока на заштита и унапредување на стручноста, етичките должности и правата на докторите на медицина, како и на нивниот углед, интегритет и професионални интереси. Лекарската комора обезбедува организиран настап на докторите на медицина пред државните органи и се финансира од членарини, а не од буџетски средства. Специфичните надлежности на Комората се дефинирани во Законот за здравствена заштита, а тие се издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на докторите на медицина, водење Регистар на лиценци, полагање стручен испит и вршење стручен надзор. Во врска со стручниот надзор, што често е предмет на интерес на јавноста, Комората го прави како вонреден, по барање поднесено од пациент, член на неговото семејство или државен орган, како и редовен надзор по однапред утврдена програма одобрена од министерот за здравство. Надзорот се прави поради контрола и оцена на стручната работа, спроведување на стручните упатства, како и процена на условите и начинот на укажување на здравствената заштита и тој не претставува замена за судско-медицинско вештачење.

Веќе подолго време сме сведоци на недоверба на граѓаните или пациентите во работата на лекарите. Што Вие како претседателка на Лекарската комора заедно со колегите преземате за враќањето на довербата?

– Пациентите и лекарите се партнери во процесот на лекување, затоа што имаат иста цел, а тоа е излекување. За постигнување на најдобри резултатите мора да постои меѓусебна доверба, заснована на взаемно почитување. Важноста на етичното однесување на лекарите и градење добар однос со пациентите е дел од стручниот испит што го полагаат докторите за да се стекнат со лиценца за работа. Младите доктори секогаш ги учиме да се однесуваат со пациентите како да се нивни најблиски. Комората организираше и едукативни настани со предавачи од странство преку кои докторите можеa да ги усовршат и унапредат своите комуникациски вештини, што исто така е многу важно за да се стекне довербата на пациентите. Од неодамна, овој круг на активности го прошируваме со вклучување на здруженијата на пациенти. Со нив ќе продолжиме да работиме на унапредување на довербата на пациентите.

Како доктор-гастроентерохепатолог, со здружението Хепар Центар од Битола имаме одлична соработка не само во насока на зголемување на довербата, туку и за подигнување на квалитетот на здравствената заштита што ја добиваат пациентите со болести на црниот дроб. Верувам дека оваа успешна приказна може да ја пресликаме и со другите здруженија. Исто така, баланс ќе направи и носењето Закон за лекарска дејност, како што е Законот за правата на пациентите, како и соодветни медиумски кампањи за важноста на негување на партнерски однос меѓу лекарите и пациентите.

Уште еден голем и многу чест проблем со којшто се соочуваат лекарите се и сѐ позачестените напади врз здравствените работници на работното место, но и на социјалните медиуми. Што се презема за да се спречи оваа појава?

– Проблемот со насилството врз лекарите, особено во ковид пандемијата и потоа, стана многу поизразен, не само кај нас туку во глобални рамки. Во анкета што ја направи Комората добивме податок дека 80 проценти од лекарите биле жртви на вербално или физичко насилство, што е многу загрижувачки. Мора да кажам и дека кога насилството е во прашање треба да се има предвид еден многу важен аспект, што знае да биде занемарен, а тоа е дека кога докторот на работното место чувствува закана по сопствениот живот и здравје, тоа се одразува и на квалитетот на неговата работа.

Досега, неколку пати јавно реагиравме и ја осудиме оваа појава, а побаравме и од надлежните институции ажурно да постапуваат, да ги санкционираат сторителите и да ги заштитат лекарите. Многу е важно да се сфати дека лекарите во нашата земја одговорно, посветено и чесно ја вршат својата работа и дека секојдневно спасуваат човечки животи. Тие не заслужуваат да бидат нападнати или навредувани. Исклучоците од ова треба соодветно да се идентификуваат и санкционираат. Во насока на подобрување на состојбите, Комората е во континуирана комуникација со надлежните институции, а неодамна издејствува и измена на Кривичниот законик со што докторот нападнат на работно место има статус на службено лице и напаѓачот ќе се гони кривично, по службена должност, и може да се соочи со затворска казна. Овие измени се во насока на создавање атмосфера во која ќе се бараат други начини за надминување на проблемите, наместо насилството.

Голем дел од медицинскиот кадар заминува во странство, колкав проблем е тоа за нашиот здравствен систем?

– Глобализацијата носи и процес на миграција на работната сила, од што е засегната и нашата држава. Недостигот на лекари исто така е глобален проблем кој се јавува поради зголемувањето на животниот век и бројноста на популацијата, а со тоа и инциденцата на одредени заболувања, свесноста и грижата за сопственото здравје. Бројот на лекари кои се селат во странство е во пораст, но сметам дека кај нас поголем проблем е концентрацијата на лекарскиот кадар во главниот град, за сметка на што имаме недостиг на одредени специјалности во другите градови.

За надминување на овој предизвик е потребно да се креираат мерки и политики со кои младите доктори ќе бидат насочени и стимулирани да работат во болниците и во здравствените установи надвор од Скопје. Проблем со кој се соочуваме и кој во наредниот период може да има сериозни последици е и старосната структура на докторите, бидејќи 20 проценти од докторите кои се запишани во Регистарот се на возраст над 61 година.

Што презема Лекарската комора околу спречувањето на миграцијата на медицинскиот персонал, ќе дојдеме ли во ситуација за неколку години да нема кој да нè лекува?

– Креатор на здравствените политики се државните институции. Согласно дадените овластувања, Лекарската комора не може да презема конкретни мерки. Она што го прави е насочено кон предлагање мерки коишто ќе создадат подобри услови за работа на лекарите во нашата земја. За задржување на младите доктори сметаме дека треба веднаш, по добивањето лиценца за работа да се обезбеди вработување и можности за професионален напредок. Здравствените установи се соочуваат со ситуација да не може да вработат доктор на местото на оној кој заминал во пензија или од друга причина ја напуштил болницата, затоа што премногу долго трае процесот на одобрување на вработувањето.

Барањето на Комората кое веќе е искомуницирано со креаторите на политиките е да се дозволи на испразнетите работни места кои се предвидени во систематизацијата да се вработи нов доктор во скратена процедура, без согласност од Министерството за финансии, бидејќи здравствената установа за тоа работно место веќе има обезбеден буџет. Од министерот за здравство добивме јавно ветување дека ова ќе биде реализирано, така што очекуваме тоа и да се случи. Покренавме и иницијатива за измени во начинот на кој се организираат специјализациите за што ќе организираме меѓународен состанок со колеги од Германската комора на кој ќе бидат повикани сите релевантни институции од нашата земја.

На иницијатива на Комората беа донесени измени на Законот за здравствена заштита со што се создадоа услови младите лекари кои се вработени во приватните здравствени установи, како матични лекари, да може автоматски да ја добиваат концесијата на дејноста од докторите кои се пензионираат, без да има процедура за повторно добивање на концесија како што беше досега. Исто така, за да бидат докторите мотивирани да останат во земјата предлагаме и либерализација на вршењето на дополнителна дејност. Комората го избутка и решението кое предвидува приватните специјализанти да добиваат одреден надоместок за својот ангажман.

Многумина лекари откако ќе ги завршат школувањето и специјализацијата заминуваат во приватни болници или во странство. Како да се превенира губењето на кадарот во државните здравствени институции?

– Лекарите кои завршуваат специјализација финансирана од здравствената установа каде што работат, имаат обврска по завршувањето да останат да работат во конкретната установа најмалку онолку години колку што траела специјализацијата, во спротивно треба да вратат двојно од средствата кои биле уплатени за финансирање на нивната специјализација. Од друга страна, праксата покажува дека младите специјалисти во странство тешко успеваат да ја нострифицираат специјализацијата, бидејќи постојат поголеми разлики во програмите и начинот на спроведување, поради што обично запишуваат нова специјализација.

Но, секако загуба на средства носи и заминувањето на младите лекари, веднаш по дипломирањето. Без разлика на сè, слободата на движење и избор на местото на живеење и работа во никој случај не може да бидат предмет на ограничување. Затоа, единствено може да се примени пристапот на позитивни промени во однос на условите за работа и кариерно напредување коишто ќе ги мотивираат лекарите да останат дома.

Колку мерките за покачување на платите и зголемување на надоместот за ноќен труд и дежурства, како и дополнителните едукации и обуки на лекари од странски експерти се доволни и можат да го спречат одливот на кадарот?

– Пристојните приходи и можностите за професионален напредок се основните предуслови што влијаат на одлуката на докторот дали да се остане во земјава или да замине во странство. Нивното зголемување секако е позитивен тренд во насока за задржување на лекарите. Но, докторите сè повеќе ја вреднуваат и атмосферата и условите во кои работат, социјалниот аспект на животот, како и можноста за постигнување подобар баланс меѓу професионалниот и приватниот живот. Работата во странство за некои лекари можеби ќе биде и животна одлука, но факт е и дека за некои е само привремено решение, за што е доказ тоа што тие иако се во странство и понатаму ги продолжуваат лиценците за работа кај нас, а некои и се враќаат во земјава.

Светот, а и нашата земја, водеше жестока битка со корона вирусот, а Вие бевте дел и од Комисијата за заразни болести. Дали, според Вас, нашиот здравствен систем и медицинскиот кадар се справи добро со овој тогаш непознат вирус? Од оваа гледна точка што мислите, згрешивме ли при лекувањето на пациентите или дали можеби требаше да одговориме на друг начин?

– Корона вирусот беше испит пред кој беше ставен целиот свет. Може да се каже дека во условите кои постојат во нашиот здравствен систем докторите одговорија на ниво на својата задача и одговорно, совесно и пожртвувано се грижеа за пациентите. Кај нас немаше сцени како во другите држави кога пациентите остануваа незгрижени, ниту пак се дозволи на исто место да се лекуваат пациентите со ковид и оние кои не беа инфицирани со вирусот. Постојано бевме во 24-часовна координација, се отвораа нови оддели и болници, се прераспределуваше персоналот и се трудевме максимално ефикасно да постапиме. Но, вирусот беше нов и многу непредвидлив, предизвикувајќи широк дијапазон на различни симптоми и компликации.

Лекувањето, во услови на недостиг на медицина базирана на докази и конкретен лек беше симптоматско, а се менуваа на неделна основа и препораките кои ги добивавме од релеватните меѓународни медицински асоцијации. Она што можеме да го извлечеме како поука е тоа дека не смееме да ги потценуваме заразните заболувања и дека иако голем дел од нив со имунизацијата се ставени под контрола или постои соодветна терапија за успешно лекување, сепак здравствениот систем мора да го држиме подготвен да се справи со новите форми и предизвикувачи на заразни, болести кои не сме ги имале воопшто во нашата земја или, пак, се нови на глобално ниво.

Кои други иницијативи на Лекарската комора за промени во примарната здравствена заштита досега се имплементирани?

– Примарната здравствена заштита е првиот столб на здравствениот систем и доколку таа е поставена на стабилна и здрава основа, многу полесно ќе може да функционираат секундарното и терциерното здравство. Со измени на Законот за здравствено осигурување се реши долгогодишниот проблем на приватните здравствени установи во примарната здравствена заштита што се јавува при престанок на работниот однос на матичниот лекар. Со законските измени, во здравствена установа со најмногу два тима, во случај на престанок на работниот однос на избраниот лекар, лекарот одреден за замена, а кој е вработен во истата установа, продолжува да дава здравствени услуги на пациентите на избраниот лекар, за што добива 70% од капитацијата за сите пациенти евидентирани кај избраниот лекар на кој му престанал работниот однос, во период од шест месеци од престанокот на неговиот работен однос.

Ако во периодот се вработи нов избран лекар, нововработениот лекар продолжува да ги дава здравствените услуги на пациентите, освен на пациентите кои избрале друг лекар. Со цел да се обезбеди континуитет на пружањето на здравствена услуга за пациентите и финансиска стабилност на здравствените установи, Лекарската комора бараше промени, а законското решение произлезе од преговорите кои се водеа со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

 

Свесни сме за „рејтингот“ на јавното здравство, па што треба според вас да се направи за пациентите да добијат подобри услуги во јавното здравство? Какви реформи треба да се преземат?

– Рејтингот на јавното здравство не е многу висок, што делумно се должи и на тоа што во периодот од 2011 до 2017 година тенденциозно и намерно, со различни кампањи, се напаѓаше и деградираше лекарската професија. Не треба да се генерализираат состојбите, работите, бидејќи имаме успешни приказни на болници и клиники што наведува на тоа дека многу е важно на вистинско место да бидат поставени вистински луѓе кои ќе сакаат да направат позитивна промена во здравствената установа која ја водат и ќе се вложат во тоа. Ако се има силна волја и поставена цел ќе се најде начин за да се реализира. Мора да се има предвид и фактот дека пред неколку години беше намален придонесот за задолжително здравствено осигурување, што секако е силен ограничувачки фактор за унапредување на здравствената заштита, бидејќи современите дијагностички и терапевтски процедури што се поефикасни од старите, имаат и повисока цена. Со обезбедување подобро финансирање на јавното здравство и соодветни кадровски политики верувам дека ќе може да се предизвика позитивна промена.

Изминативе четири години сте директор на Клиниката за гастроентерохепатологија. Во каква состојба ја затекнавте Клиниката? Јавноста веќе е запознаена дека од кога сте директорка, целосно ги изреновиравте двата ката, набавивте нова опрема. Како успеавте да го сторите тоа и да им овозможите, како на вработените, така и на пациентите подобри услови и за работа и за прегледи и престој на Клиниката?

– Клиниката за гастроентерохепатологија е сместена во објектот на Интерни клиники кој, пак, е еден од најстарите во кругот на Клиничкиот центар. Посериозно реновирање не беше направено од изградбата на зградата, а долги години не беше ниту варосано. Тоа не беше достојно место ниту за работа, ниту за лекување, ниту за највисока здравствена установа, како што е Клиниката. Кога бев именувана на раководна функција во Клиниката, бев решена тоа да се промени, затоа што тоа го заслужуваат и вработените и пациентите. Се ангажирав околу изнаоѓање извори за финансирање од Владата, амбасадите, донации имаше и од фармацевтски компании и со заедничка помош и поддршка од колегите, нашата цел беше реализирана, Клиниката доби нов изглед. Реновирањето беше комплетно, од корен, буквално останаа само старите ѕидови, сè друго беше променето. На Клиниката е отворен и Центар за болести на црн дроб којшто е опремен со најсовремени апарати за дијагностика и третман. Направивме и посебен кабинет за колоноскопија каде ќе се прави скрининг. Јас велам дека кога се сака сѐ се може и секој вложен труд и посветена работа на крајот дава резултат, а оваа Клиника е доказ за тоа.

Пред извесно време најавивте дека ќе се започне со скрининг на дебелото црево, бидејќи според статистиката токму карциномот на дебело црево е меѓу најчестите болести од кој заболуваат луѓето. Како планирате да го спроведете целиот скрининг?

– Бројот на заболени од рак на дебело црево е во пораст, поради што и на национално ниво, за намалување на штетните последици од ова заболување се воведува задолжителен колоноскопски преглед кај мажи и жени кога ќе направат 50 години. Со прегледот ќе биде опфатена популација кај која досега не е дијагностициран рак на дебело црево или друго хронично цревно заболување. Со скринингот ќе се утврди кои пациенти имаат здрава лигавица на дебелото црево и немаат потреба да стравуваат од карцином во наредните 10 години, ќе се идентификуваат пациентите кои имаат одредени ризик фактори кои може да доведат до појава на карцином и тие понатаму ќе се следат, а ќе се идентификуваат и оние кои веќе го развиле заболувањето со надеж дека ќе бидат дијагностицирани во рана фаза кога се поголеми можностите за лекување.

На Клиниката за гастроентерохепатологија е опремен посебен кабинет каде ќе се прегледуваат исклучиво пациенти од скрининг програмата. Во рамките на скринингот пациентите за преглед ќе бидат повикувани со писмо преку матичните лекари и системот „Мој термин“.

Како граѓаните да делуваат превентивно за да се заштитат од карцином на дебелото црево?

– Позитивно е што расте свесноста за здравиот начин на живот кој вклучува редовна физичка активност и здрава исхрана. Балансираните оброци кои се нутритивно богати и содржат овошје и зеленчук, а на минимум го сведуваат внесот на масти и шеќери, ги намалуваат шансите да се развијат многу сериозни заболувања, меѓу кои и ракот на дебелото црево. Зе­лен­чукот и овош­јето се важни во ис­хра­на­та, би­деј­ќи тие во ме­та­бо­лиз­мот соз­да­ва­ат ки­сели­ни што се за­штит­ни­ци на ли­га­ви­ца­та на де­бе­ло­то цре­во. Ко­рис­на е и зрнестата хра­на. Исто така, важно е да се идентификуваат и групи пациенти кои имаат поголем ризик – фактор за појава на рак на дебело црево и тие треба повеќе да внимаваат.

Се смета дека ризик – фактори за развој на рак на дебело црево се генетска предиспозиција, возраста, претходна појава на рак, воспалителни болести на цревата, несоодветна исхрана, физичка неактивност и користење тутун. Пациентите кои имаат полипи на дебелото црево имаат поголем ризик да развијат карцином поради тоа што некои од овие полипи може да се трансформираат во рак. Полипите со постапка на колоноскопија може да бидат дијагностицирани и соодветно отстранети. Пациентите со улцерозен колит, исто така имаат поголема можност да добијат карцином на дебело црево.

Што би им препорачале на младите лекари, како и на идните лекари, како да бидат подобри во својата работа и со што би ги мотивирале?

– За мене лекарската професија е најубаво нешто на што може да се посветиме. Да, бара многу ангажман, посветеност, како и подготвеност цел живот да се учи нешто ново и да се усовршуваат знаењата и способностите, но враќа со голема радост секогаш кога успешно ќе излекуваме пациенти. Најдобра мотивација за лекари е и мора да биде токму тоа, излекуван пациент. Да се спаси човечки живот е прекрасно чувство што треба да нѐ води низ сите препреки во професијата. Можеби посреќна ме прави само тоа што станав баба на прекрасен внук, со кој го поминувам времето кога не сум со пациенти.

Поврзани содржини