📽️ „МЕ УДРИ СТРУЈА“ ВРЕСНА ПРАТЕНИЧКАТА ОРЕШКОВИЌ Инцидент ја прекина седницата на хрватскиот парламент
Инцидентот се случи додека траеше пленарна дебата, седницата накратко беше прекината
Необичен и вознемирувачки момент ја одбележа вчерашната седница на Хрватскиот парламент, кога пратеничката Далија Орешковиќ доживеа електричен удар среде пленарната дебата.
Инцидентот се случи додека од говорницата зборуваше пратеникот на ХДЗ, Марко Павиќ. Во еден момент, Орешковиќ се наведна под пратеничката клупа, по што ненадејно гласно вресна, стана и почна да ја тресе раката, очигледно во шок.
Седницата веднаш беше прекината, а потпретседателот на парламентот, Иван Пенава, реагираше загрижено.
– Стоп, колега Павиќ, дајте малку пауза. Колешке, дали сте во ред? Дали ви треба помош? – праша Пенава од говорницата.
– Ме удри струја – кратко одговори Орешковиќ, сè уште видно вознемирена.
Пенава дополнително се обиде да ја смири ситуацијата, прашувајќи дали е потребна медицинска интервенција и предупредувајќи да не дојде до „краток спој“. Орешковиќ по неколку моменти изјави дека е добро, иако беше очигледно потресена од настанот.
Во меѓувреме, пратеникот Јосип Јурчевиќ ѝ пријде и го провери полначот и електричната опрема кај нејзината клупа, за да се утврди причината за ударот.
По смирувањето на ситуацијата, Пенава му се извини на Павиќ за прекинот, а седницата продолжи. Засега нема официјална информација дали ќе биде покрената дополнителна проверка на електричната инсталација во салата.