Меѓу неодлучноста и вербата во себе

се сетив на зборовите на Ками дека злата се една заедничка работа и луѓето му веруваат на злото само кога паѓа на нивна глава. Војните и злото ги наоѓаат луѓето секогаш изненадени, и така треба да ги разбираме нивните неодлучности.

1,559

Кога во декември минатата година се појави веста дека во еден „мал“ кинески град од 12 милиони жители Вухан се појави еден непознат вид на грип, никој не помислуваше дека еден ден целата светска популација ќе стане жртва на еден непознат и невидлив вирус кој брзо се шири од човек до човек. Брзината на ширењето на непознатиот вирус низ цела Кина и излегувањето на сцена на dr Li Wenliang, еден млад 34-годишен кинески доктор, (после неколку денови од појавата на новиот вирус) кој на социјалните мрежи се обиде да ги убеди своите колеги дека оваа појава на болест премногу личи на САРС, веста ми асоцираше на напорите на dr. Bernard Rieux од романот „Чума“ на Албер Ками, претставникот на апсурдот во книжевноста.

За жал, двајцата доктори ( dr. Li Wenliang лекар во една болница од Вухан и dr. Bernard Rieux-имагинарна личност на Ками) веќе не се живи. Првиот dr. Li не успеа да је преживее епидемијата слична на САРС и МЕРС, како заклучил тој, и откако бил опоменет од полицијата дека „шири лажни вести и паника“ и се наврати на својата хумана задача да ги спасува разболените лица за подоцна да станe синоним на хуманоста и пожртвуваноста и нивен херој.






Имагинарниот лекар на Ками, dr. Rieux, ја преживее епидемијата и стана нејзин лекар и хроничар заедно со историчарот Tarrou. И тој веќе не е жив. Доктор Рије виртуелно се борел против вирусот на чума кој го зафатил Оран, еден обичен алжирски медитерански град,тоа време центар на француската администрација. Во суштина имагинарниот Др. Рије е раскажувач, лекар и хроничар на една вистинска чума во Оран, во 1817 год. иако авторот наведува дека дејтсвието во романот се случила во 194… И двајцата имале ист предизвик: се соочија извесно време со непознатите и невидливи вируси , за кои знаеја дека се нешто ново и непознато но беа безимени вируси. Подоцна им најдоа имиња: чума и нешто што личи на САРС, подоцна ковид-19. Но за dr. Li тоа беше кобно!

За жал, dr. Li, како млад лекар и од друг континент каде не се читале делата на светските нобеловци за време на маоизмот оти биле полн со западна буржоаска идеологија, не успеал да ги чита пораките на неговиот претходник др. Рије од романот „Чума“ за време на организираната прослава во градот Оран, по победата над вирусот.

„Всушност, слушајќи ги гласовите на радост кои ечаа во градот (пишува Ками), Рије се сеќаваше дека оваа радост била заканувачка, затоа што тој знаеше дека ова толпа на радост не го знаеше тоа што можеме да го читаме во книги, дека вирусот на чумата не умира ниту пак исчезнува и дека може да остане со десетина години заспан во мебел и во облека, дека може со трпение да чека во спални, во визби, ковчези, марамчиња, и кога, можеби, ќе дојде денот кога, од несреќа и едукација на луѓето, чумата ќе ги разбуди нејзините стаорци и ќе ги праќа да умираат во некој среќен град“.

Кога непознатитот нов вирус се повеќе се прошируваше низ светот, тогаш се повеќе почнав да се  убедувам дека од несреќа и едукација, како што рекол некогаш др. Рије, новиот вирус сличен на САРС и на МЕРС, подоцна именуван ковид-19 ги разбудил своите кобри и лилјаци и ги испраќал да умираат на среќните континенти Европа и Северна Америка. И тогаш се сетив на зборовите на Ками дека злата се една заедничка работа и луѓето му веруваат на злото само кога паѓа на нивна глава. Војните и злото ги наоѓаат луѓето секогаш изненадени, и така треба да ги разбираме нивните неодлучности, вели авторот.

Дури и Трамп кој му се смееше на „кинескиот вирус“ и со овој збор многу го налути кинескиот политички врв, на почеток беше неодлучен: прекин на авионски летови кон Кина; карантин да, карантин не , и т.н.

Градоначаникот на Њујорк резигнирано, после убедливо најголемиот број на жртви од вирусот, изјави дека погрешиле што не ја разбрале сериозно работата. Луѓето не му веруваат на злото, вели Ками, затоа што мислат дека тоа брзо ќе поминe, дека тоа е еден лош сон кој брзо ќе мине, но од еден лош сон до друг лош сон, луѓето се тие кои поминуваат, во прв ред хуманистите затоа што не ги презеле нивните мерки, продолжува авторот.

Глупоста е секогаш настојчива, и таа ќе се забележи само ако луѓето не мислат секогаш на себеси. Сограѓаните на Рије во тој поглед беа како сите, вели Ками: тие мислеа на себеси, поинаку речено, беа хуманисти и не му веруваа на злото.

Урсула фон дер Лајен, европска комесарка, овие денови им се извини на Италијанците. Премногу бевме затворени во сопстсвените граници и не мислевме пошироко за другите. Но, ви гарантирам дека од денес и понатаму и вие ќе бидете наша заедничка грижа, им се обрати таа со јавно извинување упатено до Италијанците. Но, сепак кај нив остана чувството на гневот кон изразениот претеран егоизам.

Кога др. Филипче почна секојдневно да се појавува во прес-центарот известувајќи за текот на злото, за инфицираните и за умрените лица, опозицијата не можеше веќе да издржи: на кого личи Филипче? На доктор Рије кој треба да ги лекува пациените, на историчарот и хроничарот Тару или на новинарот Рамбер? Сепак др. Филипче е на висина на неговите задачи со неговата крајна одговорност, педантност и способност во вршење на неговите работи. Но, тој и сите лекари кои се наоѓаат на должност, бара и ние граѓаните потенцијални идни жртви на вирусот да му помагаме: да ги почитуваме мерките на СЗО, да останеме дома, да си помагаме себеси, на нашите семејства и да покажеме доза на хуманизам кон немоќните, сиромашните. Секој да ја заврши добро својата работа, пишува Ками.

Ете, ќе ви кажам некои примери како не треба да се врши работата.

Градоначалничката на Тетово преку медиумите ни соопшти дека градот успешно се бори против коронавирусот. Службите ја дератизирале улицата на бутиците, и сите шахти низ истата улица. Како старците да се кријат во шахтови под кои тече вода! И целата нејзина ангажираност во борбата против коронавирусот се сведе на дератизација на две улици, а не на перманентна дезинфекција на целата општина. А Тетово не е мала општина: сите имаат право на живот, не само жителите на две улици!

Сигурно градоначалничката помислила на епидемијата на чума опишана од Ками, а не на сличен вирус на САРС, на што се сомневаше др. Ли.

Некои лидери на политички партии не беа спремни да ги отстапат на сиромашните парите кои ги земаат од џебот на граѓаните во полза на нивните политички и изборни активности. Тие можеби не ги гледале сцените каде група Роми од една скопска населба наместо да се самоизолираат од коронавирусот ги чуваат контејнерите да не ги зема службата за оддржување на хигиена оти од нив земале секојдневна храна од кои зависел нивниот секојдневен живот. Можеби не ги сакаат нивните „сиромашни“ гласови. Не, не, не верувам во тоа.

За жал, во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вирусен патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално, согласно Законот за јазици! Не е важно што немаме доволно респиратори, дури и маски кои можевме и самите да ги шиеме!

Банкарите, и покрај нивната мала солидарност, побрзаа да ги делат дивидендите и да ги пресметаат  каматите на одложените рати на нивните клиенти. Некои високи функционери, само од срам од другите и ништо друго, прифатија редукција на нивните плати, а не и на другите привилегии.

Сепак, за среќа, се уште има луѓе кои мислат на солидарност со немоќните, сиромашните, и се докажале на дело во овие кризни времиња. Тие не се во мал број. Тогаш кога ќе поминат овие тешки денови сигурно ќе се сетиме на хуманоста на лекарите кои ги оставија нивните сакани деца, татковци, мајки, браќа и сестри и отидоа на здравствен фронт да спасат животи. Ќе се сеќаваме и на полицајците кои со ноќи бдееле пред нашите врати за да ни го чуваат здравјето. И сигурно ќе им искажеме една голема благодарност!

Поврзани содржини