Меѓу логика и илузија
Логиката е јасна: од лага може да следи сè. Но политиката не може да биде изградена врз сè – туку врз нешто. А тоа „нешто“ мора да биде факт. СДСМ мора да ја види лукавоста на Левица, како внимателно приоѓа на ова. Инаку со лажни премиси ќе стигне до „високото петто место“.
Професор по Логика во трета година средно ми беше Раде. За жал, на Раде се сеќавам само на името. Од друга страна, за среќа, Логика ми беше извонредно интересен и забавен предмет. Гледав на тоа како на формализација и номенклатура на здраворазумско расудување. И бидејќи секој од нас е убеден дека расудува здраворазумски, јас кога расудувам, до ден денес, го барам оној израз кој пред триесеттина години сум го слушнал од Раде, затоа што таквата формализација ми е гаранција дека композицијата на мисли во мојата глава е логична, исправна и конзистентна. Просто, именувањето на мојата логика на размислување – ми влева сигурност дека сум во право.
Сега, кога пишувам колумни, генерално за или поврзани со македонската политика, мојот пристап ми делува логичен, согласно со погоре изнесеното. Но, за жал, во македонската политика, логиката баш и не е на пиедестал. Така, деновиве, нашата ценета опозиција решила дека треба да тврди дека „завршена работа е населувањето на мигранти во Македонија“. И џабе демантираат и власта и британската амбасада. Тие решиле дека „тоа е факт“. Пробав да ја разберам и именувам логиката на ова опозиционо размислување. Се тврди дека „Власта крие дека се договорила да дојдат мигранти од Африка и Азија“. Добро. Ете „крие“. И? Бидејќи Африканците и Азијатите се слични по антрополошки карактеристики со Македонците, нема никој да забележи дека има стотици илјади припадници на други раси? Како планира власта да го изведе тоа? Па СДСМ се познати ловци на луѓе од Пустец, луѓе кои зборуваат македонски, и сме културно и јазично блиски, и сега навиваат дека „нема да може да ги видат луѓето од Уганда, па овие ќе им гласале против нив“? Во време кога власта има 3:1 предност пред опозицијата, ете, и требале „мигранти за гласање“?
Лажна премиса (falsa praemissa)
Но, ајде да ја видиме логиката. Што е формалноста и зошто ме збуни. Првиот дел, Раде би го нарекол „falsa praemissa“ (лажна премиса) односно, нешто што предизвикува „ex falso quodlibet“ (од лага може да следи сè). Во основата на тврдењето се најде теза изнесена во Лондонскиот „The Times“, кој за волја на вистината има јасно поставени граници дека се работи за шпекулација: „можеби би се депортирале“ (could deport) и „разговорите наводно се во одржани“ (talks reportedly held). Опозицијата, фактот дека власта не реагирала на текст полн со „можеби, наводно, евентуално“ – Го гледа, ни помалку ни повеќе, туку како доказ дека шпекулацијата била вистина. Еве уште се чудам до каде се СДСМ со прес конференцијата дека меѓуѕвездената комета 3I/ATLAS е вселенски брод. Има шпекулации, Мицкоски не ги демантира! Има шпекулации дека земјата е рамна, а министерот Николовски одговорен за транспорт по рамната ни земја, не реагира на тоа…
Да бидеме сериозни. Земајќи лажна премиса како факт, да се гради нарација од „аргументи“ за криминал, социјални промени и идни катастрофи – е глупост. Како „доказ“ да се земе „вие не реагиравте на текст кој изнесе можност“ – исто така е глупост. Да се тера приказната после демант од амбасадата на стратешки партнер и владата – тоа не е само глупост, туку потврда дека Ајнштајн бил во право кога рекол: „Само универзумот и човечката глупост се бескрајни. За универзумот не сум сигурен“.
Погрешна каузалност (post hoc, ergo propter hoc)
Погрешната претпоставка во овој случај не е сама. Таа е силно засилена со она што научниците кои ја проучуваат логиката би го нарекле „post hoc, ergo propter hoc“ – погрешна каузалност. На појасен македонски јазик: Бидејќи нешто се случило после друго, тоа мора да е причината. Имено, опозицијата ја проектира сопствената историја врз сегашната власт: „Ние кога бевме власт направивме договори под надворешен притисок, што резултираше со изгубени избори со 3:1, што значи и сегашната власт ќе заврши исто“. Симпатична утеха. Уште да не беше базирана на лажна премиса, и можеби ќе беше и нешто друго – освен политичка илузија.
Редукција на апсурд (reductio ad absurdum)
И кога сме веќе во сферата на латинскиот јазик – мојот веќе препознатлив сарказам со „идните Африкански гласачи на ВМРО-ДПМНЕ“ се нарекува „reductio ad absurdum“ – или сведување на апсурд. Опозицијата не гради аргумент, туку илузија. Имаме илузија заснована на falsa praemissa, засилена со post hoc ergo propter hoc, и нормално е лесно да се зачини со reductio ad absurdum. Логиката е јасна: од лага може да следи сè. Но политиката не може да биде изградена врз сè – туку врз нешто. А тоа „нешто“ мора да биде факт, мора да биде реалност, мора да биде проверлива основа врз која се гради доверба кај граѓаните. Кога една партија ќе ја замени логиката со илузија, таа не само што ја губи битката за вистината, туку ја губи и битката за иднината. Илузијата може да биде моментално интересна, може да биде привлечна, може да создаде моментална возбуда – но никогаш не може да биде политика.
Порака за СДСМ (Nuntius ad SDSM)
Ако не е точен поднасловот, виновни се од Google Translate. Не е познат латински израз, или Раде конспиративно го скрил. Можеби бил од ВМРО, не знам. Затоа пораката за СДСМ е на Македонски:
Забележете ја лукавоста на Левица, како внимателно приоѓа на ова. „Треба да се води дебата со факти“ е последно што слушнав од таму. Не летајте со „одбрана на Македонија од вселенскиот брод маскиран во комета кој можеби тргнала наваму“. Веќе сте трето место. Со лажни премиси ќе стигнете до „високото петто место“. “Revenez sur terre” (Спуштете се на земја). И веројатно знаете, а јас можеби во идна колумна ќе објаснам, зошто ова го напишав на француски.