МЕЃУ 3.000 И 5.000 ГРЦИ СЕКОЈ ВИКЕНД ИГРААТ ВО КАЗИНАТА ВО ГЕВГЕЛИЈА Игрите на среќа значително ја полнат државната каса
Покрај играњето игри на среќа, Грците полнат гориво, посетуваат стоматолошки ординации, се хранат во ресторани, купуваат во наши продавници, односно трошат пари во нашата економија, наведува Стоименов претставник на Асоцијацијата на игри на среќа.
Игрите на среќа значително придонесуваат во буџетот на државата, а секторот е еден од најголемите работодавци, вели во интервју Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на игри на среќа.
– Асоцијацијата која јас ја претставувам е застапник на дел од приредувачите на игри на среќа во казина и автомат клубови. Во АПИС доминантно членуваат компании чиј капитал е странски и доаѓа од земји членки на ЕУ. Станува збор за реномирани светски брендови од секторот игри на среќа. Генерално, врз основа на податоците со кои ние располагаме, можам да го кажам следното. Вкупно гледано, сите легални приредувачи на игри на среќа, вработуваат околу 10.000 луѓе, што ги прави најголем приватен работодавач во Македонија. Истовремено, треба да се земе предвид дека овие компании индиректно помагаат меѓу 54.000 и 100.000 други работни места, кои профитираат од игрите на среќа. На пример, постои податок дека од 3 до 5.000 Грци играат во казината во Гевгелија за време на еден викенд. Тие полнат гориво, посетуваат стоматолошки ординации, се хранат во ресторани, купуваат во наши продавници, односно трошат финансиски средства во нашата економија. Согласно неофицијалните податоци на годишно ниво, приливите во државниот буџет од игрите на среќа веќе одамна надмина 350 милиони евра. Не можеме да располагаме со податоци за вкупниот број легални објекти за игри на среќа, ниту пак имаме информации за профитите на компаниите, но тоа не е тајна бидејќи е јавно достапна информација која сублимирано ја имаат надлежните државни институции. Особено што казината и автомат клубовите се електронски врзани со УЈП и сите финансиски уплати и исплати се регистрирани во реално време – вели Стоименов.
Тој напоменува дека како последица на предизборните дебати на некои политички партии неретко се шпекулира со фантастични и крајно нереални бројки за наводен годишен профит кој го остваруваат приредувачите на игри на среќа во Македонија.
– Јавноста треба да ги знае следните податоци. Приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23%, од кои 1,5% одат за потребите на јавното здравство и 1,5% за потребите на Министерството за млади и спорт, а останатите 20% директно се слеваат во централниот Буџет. Казината и автомат клубовите дополнително плаќаат годишно и за секоја лиценца која на приредувачите на игри на среќа во строго дефинирана процедура им ја издава Министерството за финансии, а конечно ја одобрува Владата. Приредувачите на игри на среќа како правни лица плаќаат и годишен данок на добивка по стапка од 10%. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње приредувачите имаат обврска да платат 15% данок на истата. Плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос (со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и работење во смени, бидејќи работното време е 24/7), за 10.000 вработени. Државниот буџет се полни од приредувачите на игри на среќа и преку оданочување на закупнини на деловни простории, ДДВ преку купување опрема, мебел, надоместоци за струја и давање угостителски услуги. Конечно, приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат поврат на истото. Кога ќе се сумираат приходи и расходи, за приредувачите останува 10% од кои треба да ги покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на секој бизнис – вели Стоименов.
Истовремено, вели тој, треба да се земе предвид дека надвор од овие давачки кон државата, компаниите, членки на АПИС постојано во духот на општествената одговорност, организираат хуманитарни, донаторски активности во образованието, јавното здравство, спортот, културата што е потврда дека ние сме партнер на заедницата.