„МЕ СЛЕДИТЕ, МЕ СЛИКАТЕ И МИ СЕ ЗАКАНУВАТЕ“ Кој е тој што следи бивш министер за одбрана додека го шета кучето, прашува Славјанка Петровска
Дали сторителите на завчерашното убиство сред бел ден, во центарот на Скопје се двајца осудени криминалци кои наместо да се во затвор, биле на слобода и дали е точно дека по нив е распишана потерница пред повеќе од 30 дена, прашува Петровска.
Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска најави дека ќе поднесе пријава за МВР бидејќи тврди дека ја следат, ја фотографираат и ѝ се закануваат преку социјалните мрежи. Таа до медиумите испрати и пораки со заканувачка содржини кои ги добивала на социјалните мрежи.
„Ме сликате, ме следите и се заканувате. Претходно не ме критикувавте за работењето, туку ме омаловажувавте, навредувавте и клеветевте. Но јас криткував и ќе продолжам. Тоа ми е должност. Како што е должност на МВР да провери кој следи народен пратеник, доскорашен министер за одбрана, односно жена додека го шета својот миленик и згора на сѐ објавува фотографии на социјални мрежи и се заканува“, наведува Петровска во соопштението.
Таа вели дека Скопје 7 месеци по преземањето на МВР од страна на ДПМНЕ е небезбеден град.
„Христијан, наместо да ме замолчуваш со притисоци од ваков тип одговори ѝ на јавноста: Дали сторителите на завчерашното убиство во сред бел ден, во центарот на Скопје се двајца осудени криминалци кои наместо да се во затвор, биле на слобода и дали е точно дека по нив е распишана потерница пред повеќе од 30 дена?
Во тоа време обврската за нивно пронаоѓање и враќање во затвор е на Министерството за внатрешни работи. Ако биле во затвор, каде што и требало да бидат, немаше да го извршат завчерашното убиство. Значи, да го повториме прашањето: Дали сторителите на завчерашното убиство сред бел ден, во центарот на Скопје се двајца осудени криминалци кои наместо да се во затвор, биле на слобода и дали е точно дека по нив е распишана потерница пред повеќе од 30 дена?“, се наведува во соопштенито на Петровска.
Таа на крајот нагласува дека ќе поднесе пријава до МВР за, како што вели, „да видиме каков пристап ќе има МВРО-ВМРО во случајот за тоа што ме следат и ми се закануваат.“